Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска синоќа, преку конференциска врска, учествуваше на првиот Стратешки дијалог помеѓу Македонија и САД, на панелот посветен на „Владеење на правото и добро владеење“, што се одржа во просториите на Стејт департментот во Вашингтон.

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите со САД на повисоко ниво, што е особено значајно на полето на доброто владеење. Нагласи дека соработката меѓу двете земји е суштинска и опфаќа широк спектар на прашања кои се од национален интерес и имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните на Македонија.Пред присутните на конференција Грковска информираше дека во фокусот на нејзиниот кабинет се трите столба: дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и развивање на антикорупциски политики.

-Владата на С. Македонија е посветена да изгради општество со професионални, ефикасни, транспарентни и одговорни институции, насочени кон обезбедување подобри услуги за граѓаните, истакна Грковска.Вицепремиерката наведе дека со поддршка на САД и во партнерство со експерти од Естонија интензивно се работи на дигиталната трансформација на општеството, се со цел услугите што државата им ги дава на граѓаните да бидат достапни дигитално, да бидат брзи, ефикасни и точни. Во таа насока веќе е започнат и процесот на воведување електронска лична карта, што е клучен чекор за дигитална трансформација на општеството.-Сакам особено да им се заблагодарам на Амбасадата на САД во С. Македонија и на тимот на УСАИД во Скопје за нивната досегашна поддршка. Претстојат многу работа и многу предизвици, но уверена сум дека со силно партнерство меѓу нашите две влади ќе постигнеме резултати и одржливи решенија, на кои ќе бидеме горди, порача Грковска пред присутните на конференцијата.Вицепремиерката Грковска се осврна и на Самитот за демократија, што и оваа година ќе се одржи под покровителство на претседателот Бајден, и нагласи дека Република Македонија останува посветена на заложбите за заедничко спротивставување на авторитарните режими, како и на удвојување на напорите против корупцијата и заштита на човековите права и слободи, преку градење на отпорни и ефикасни институции.-На претстојниот Самит С. Македонија ќе претстави конкретни цели, фокусирани на позитивни институционални реформи, дигитална трансформација на општеството, како и континуирана заложба за спротивставување на авторитаризмот во Европа, нагласи Грковска.