Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за време на вториот ден од престојот во Албанија, денеска оствари средба со албанскиот премиер Еди Рама, како и со претседателот на Парламентот, Грамоз Ручи на кои се разговарало за ваѓноста на пописот во Македонија и било истакнато дека „е важно албанските политички партии во С. Македонија да имаат унифицирани ставови за заедничките прашања на Албанците“.

Рама, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, го пречекал Груби со пораката census.stat.gov.mk.

Двајцата соговорници го поздравиле фактот дека меѓу двете држави нема ниедно отворено прашање, а на средбата станало збор и за спорот меѓу  Македонија и Бугарија при што се согласиле дека проблемите и отворените прашања меѓу соседите треба да се надминат преку дијалог.

Груби и Рама размениле мислења и за Коридорот 8, за кој албанскиот премиер рекол дека тоа е владин приоритет во Албанија, а Груби информирал дека во Македонија се работи на завршување на изградбата на овој коридор.

Двајцата соговорници ја пофалиле досегашната посветеност на дијаспората од Македонија, бидејќи за помалку од еден месец повеќе од 130.000 луѓе одговориле позитивно на поканата за регистрација.

На средбата станало збор и за новите можности за проширување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан.

Груби денеска во Тирана се сретна и со претседателот на албанското Собрание Грамоз Ручи со кого разговараше за актуелните настани во двете земји, како и за активностите предвидени во наредниот период на патот кон европската интеграција.

Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, заклучиле дека треба да ја зајакнат соработката на повисоко ниво.

Груби истакнал дека двете држави имаат одлични билатерални односи и посочил дека Владата на РСМ е систематски посветена на добрососедската политика и побрзата интеграција во ЕУ.

– Двајцата соговорници се согласија дека прецизната дефиниција на населението што живее во РС Македонија ќе влијае на проширување на пристапот до регионален развој подеднакво, подобри јавни услуги, пропорционална распределба на буџетот и застапеност, повисоко институционална застапеност, вклучувајќи ја позицијата на претседателот на собранието и позицијата на првиот вицепремиер се наведува во соопштението.

На средбата било нагласено дека двете земји имаат заеднички интереси во повеќе области и во овој контекст биле посочени економските, инфраструктурните и енергетските проекти, како што е изградбата на автопатот Ќафасан – Елбасан како дел од Коридорот 8, автопатот Елбасан – Дебар и железничката пруга меѓу двете земји.

Претседателот на албанскиот Парламент, како што стои во соопштението, истакнал дека е важно албанските политички партии во Северна Македонија да имаат унифицирани ставови за заедничките прашања на Албанците, вклучително и за процесот на попис, како проект од големо значење за државата и регионот.