Дознав дека еден медиум објавил дека од високо позициониран и неименуван извор од партијата ДУИ дознал дека неодамна пратеник на ДУИ се сретнал во Будимпешта со мене и разговарал за моја поддршка за промена на Уставот, а за возврат ќе ми бил обезбеден прекин на политичкиот прогон, објави поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски.

Во продолжение целата негова објава на Фејсбук:

Со оваа објава го деменатирам ова бидејќи не се случило.

Пред да го извршам демантирањето извршив консултација со тројца мои пријатели околу тоа што тие мислат дека е можната заднина на оваа најнова шпекулација.

Првиот ми рече дека тој смета дека со ова СДСМ сакаат да извршат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ во правец дека ако не ги остварат целите во договор со нив, имаат некаква резервна опција со мене за ова прашање. Веднаш да кажам дека немаат.

Вториот ми рече дека тој смета дека некој во ВМРО-ДПМНЕ можеби има ветено поддршка за смена на Уставот и сега бара кому да ја префрли вината, па се сетиле на мене.

Но, на истото првиот ми искоментира дека не е можно тоа, бидејќи така ќе излезе дека актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема контрола на пратениците кои самиот ги избрал и дека јас од 800 км далечина имам поголемо влијание врз нив, што за него би било погубно и во таков случај неговото место не би било таму каде е, така што таа теза не би можело да е од него бидејќи е контрапродуктивна за него.

Третиот ми рече дека тој смета дека некои медиуми имаат проблем со читаноста и имаат потреба да измислат атрактивни теми за читателите заради поголема читаност а со тоа и поголема заработка.

Затоа решив понатаму да не се занимавам со анализа на заднината, туку едноставно да посочам дека оваа информација е лага, како што и пишав во точка 5 од мојот Фејсбук статус од 3. Ноември чии линк е во прилог.