Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, предупреди дека трката меѓу САД и Кина во развојот на вооружување засновано на вештачка интелигенција би можела да има „апсолутно разурнувачки последици“, поради што е неопходно да се воспостават канали за комуникација меѓу големите сили за да се избегне глобална катастрофа.

Во интервју за шпанскиот весник „Паис“, во пресрет на завршувањето на неговиот десетгодишен мандат на чело на ОН, Гутереш нагласи дека е неопходно да се воспостават меѓународни механизми за дијалог, соработка и надзор на ризиците што ги носи развојот на вештачката интелигенција.

– Најголема опасност би била концентрацијата на капацитетите во САД и Кина. Натпреварувањето, особено во областа на воените средства за развој на оружје засновано на вештачка интелигенција, би можело да има апсолутно разурнувачки последици – истакна Гутереш.

Тој потсети дека за време на Студената војна постоеле комуникациски канали меѓу Соединетите Американски Држави и Русија за да се спречат ситуации кои би можеле да доведат до светска катастрофа, оценувајќи дека сличен пристап е неопходен и денес.

Гутереш укажа дека компаниите кои развиваат производи засновани на вештачка интелигенција мора транспарентно да ги претставуваат ризиците од своите технологии, вклучително и нивното влијание врз животната средина.

Како една од најголемите фрустрации во текот на својот мандат го издвои недостигот на легитимитет и ефикасност на Советот за безбедност на ОН. Според него, сегашниот состав на тоа тело не ја одразува реалноста на современиот свет, бидејќи земјите од Глобалниот Југ се недоволно застапени, додека Африка и Латинска Америка немаат постојани членки.

Тој укажа и на длабоките геополитички поделби кои оневозможуваат донесување клучни одлуки во врска со спречувањето и решавањето на судирите.

– Две постојани членки на Советот за безбедност се вклучени во војни, што создава атмосфера на целосна неказнивост. Надворешното мешање во судирите е сè поизразено, а Судан е најочигледниот пример – рече Гутереш.

Говорејќи за својот наследник на местото генерален секретар на ОН, Гутереш не сакаше да ги коментира тешкотиите во постигнувањето договор за неговиот наследник, со оглед на несогласувањата меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН кои имаат право на вето.

Тој, сепак, рече дека би му претставувало големо задоволство доколку на чело на светската организација за првпат дојде жена.

– Би ми било многу драго жени да бидат на чело на најважните земји во светот, каде што, за жал, и понатаму речиси исклучиво имаме мажи – рече тој.

Гутереш, кој претходно ја вршеше функцијата премиер на Португалија и висок комесар на ОН за бегалци, рече дека сè уште не одлучил со што ќе се занимава по заминувањето од функцијата, но дека нема намера да се повлече од јавниот живот.