Полицијата во северна Грција употреби солзавец и водени топови за да ги растера антивладините демонстранти, кои се противат на договорот со Македонија.

Според предложениот договор, соседот на Грција ќе го промени своето име во „Северна Македонија”, а Атина ќе ги отфрли своите забелешки за пристапот на земјата во НАТО и на крајот на Европската унија, пишуваат светските агенции.

Противниците на договорот, меѓу кои и опозициските конзервативци, тврдат дека со него нема да се заштити грчкото античко македонско наследство и би претставувал потенцијална закана за територијата на Грција.

Претходно, насобраните граѓани, организирани преку социјалните мрежи од десничарско ориентирани здруженија и организации, кои што се против Договорот од Преспа, со грчки знамиња и со слогани „Ципрас, предавнику“, од Белата кула се упатија кон спортската сала каде што требаше да започне говорот на Ципрас. Откако наидоа на полициска блокада и не им беше дозволено да продолжат, се вратија назад и одново беа спречени во нивната намера, вториот пат, да стигнат до канцелариите на СИРИЗА.

Грчката новинска агенција АНА-МПА јави дека пред почетокот и за време на протестот, полицијата, превентивно, привела најмалку 20 лица, без да биде познато дали некој е уапсен.