Португалски извидувачки авион, според Министерството за одбрана на Финска, го нарушил воздушниот простор на нордиската земја.

– Авионот го наруши воздушниот простор вчера, југозападно од главниот град на Финска, Хелсинки, изјави портпаролката на Министерството за одбрана Нина Хирски.

Таа не соопшти повеќе детали, додавајќи дека финската погранична стража работи на расветлување на инцидентот.

Портпаролот на португалското воздухопловство, полковник Мануел да Коста изјави дека финските власти ја известиле Португалија за нарушување на воздушниот простор.

Тој наведе дека португалскиот извидувачки авион П-3, кој во моментот е стациониран во Полска, учествува во патролирање на НАТО, чија задача е одбрана на источното крило на НАТО од потенцијална руска агресија.

Португалија е членка на НАТО, а Финска не е. Двете земји во минатото учествуваа во заеднички воени вежби.