Министерот за здравство Венко Филипче попладнево оствари средба со претставници на хируршкиот колектив на Градската општа болница „8 Септември“ и со директорот на болницата д-р Христијан Костов.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, беа разгледани повеќе аспекти од состојбата, односно во ГОБ „8 Спетември“ во моментов се лекуваат 100 пациенти со Ковид-19, па оттука и редуцираноста на бројот на хируршки одделенија, но сепак со запазување на итни случаи како малигноми и фрактури.

-Тие интервенции се одвиваат тековно. За време на средбата се најде привремено решение за оперативниот програм за следната недела, а во тек на престојните денови министерот со лекарите ќе разговараат и за трајно решение за предизвикот. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат. Најголем број од пациентите се невакцинирани и тоа сериозно го оптеретува здравствениот систем, стои во соопштението.