Како отправник на работите во постојаната делегација на Кралството Југославија во Лигата на народите во Женева, подоцнежниот Нобеловец, Иво Андриќ, во април 1932 година испраќа мошне интересен извештај поврзан со Македонија за проект кој и денес е актуелен, проектот `Вардарска долина`.

Имено, Андриќ известува за работата на Комитетот за јавни работи кој заседавал претходната недела во Париз, при што биле разгледувани тринаесет  проекти  предложени од Грција, Бугарија, Летонија, Полска и Југославија. Според извештајот на Андриќ, Грција имала предложено изградба на патишта и проекти за одводнување на долината на Вардар и Струма. Прифатено е само исушувањето на сливот на Струма, но по претходна експертиза на самото место.

Бугарија не добила пари за железничко поврзување со Романија; Летонија добила за патишта, Полска од десет проекти за пруги добила пари за две, а Југославија од пет предлози  добила  четири. Одбиен е само предлогот за Вардарска долина:

-Проектот на каналот Морава-Вардар-Егејско Море, – известува Андриќ, – Комитетот не можеше да го усвои затоа што неговата евентуална изградба не изгледа ни технички ни економски оправдана според принципите на оваа меѓународна акција, а тоа особено се однесува на потегот од Сталач до Егејското Море.

Иво Андриќ

Амбасадорот Андриќ со задоволство известува дека Комитетот го прифатил проектот за исушување на Скадарското Езеро и проектот за системот патишта од Австриската граница преку Љубљана, Загреб, Белград и Ниш до Солун. Зошто Андриќ во овој патен правец не спомнува ниту еден македонски град, иако трасата бездруго минува по должината на цела Македонија од Прешево до Солун – не се знае. Можеби затоа што за него Македонија е „провинција добиена со договор“ каде што за „нашето население се зборува како за расипани српски натрапници“.