Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во соработка со Општина Пустец, денеска на 2 август, организира прослава по повод Илинден.

Според лидерот на партијата Васил Стерјовски, во Пустец, седиштето на истоимената општина, по повод 120 години од Илинденското востание на македонскиот народ во 18.00 часот ќе се одржи свечена академија.

Академијата „120 години од Илинденско востание“ ќе се одржи во просториите на нашата партија во Пустец, во 18.00 часот, на која очекуваме големо присуство на жители од цела Мала Преспа, рече Стерјовски.

Општонароден собир ќе биде одржан на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец, во 19 часот, со македонски ора и песни, со настап на група од Преспа и детскиот младински фолклорен ансамбал „Срма“ од Куманово.