Денес МВР е високо партизирано, пренатрупано со нововработен неквалитетен и нестручен кадар, кој не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата е главна карактеристика на безбедносниот систем, вели во интервју за Курир поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој додава дека приоритет на новата влада и МВР ќе биде бескомпромисна и неселективна борба против сите кои постапуваат спротивно на законот.

-Изминатиов период цела Македонија беше потресена од ужасните убиства на малата Вања и на Панче. Ве молиме за коментар, како полицијата постапи во решавање на овој случај, се направија ли грешки во истрагата?

Убиствата на малолетничката Вања и Панче се само врв на сантата мраз кога е во прашање нестручно и непрофесионално постапување на МВР под раководство на Оливер Спасовски. Нашите сознанија зборуваат дека истрагата можела многу поквалитетно и поефикасно да се спроведе, а доколку не се направени сериозни професионални и стручни пропусти и се преземени должни дејствија кои согласно полициските и криминалистичките процедури требало да се преземат, сигурно можело и да се превенира киднапирањето и последователното убиство на Вања. И тоа пред се, е резултат на лошите кадровски и менаџерски политики на раководството на МВР.

Во оваа насока, уште еднаш сакам да го повторам ставот кој неколку пати претходно го нагласив, дека веднаш по формирањето на техничката Влада во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија и во двата кривично правни случаи. Врз основа на тоа што ќе биде утврдено во рамки на внатрешната ревизија, против сите оние кои направиле клучни пропусти во истрагата со несовесно, непрофесионално и нестручно постапување, ќе се покренат соодветни дисциплински постапки, а истовремено и ќе се информира и ОЈО за ГОКК за новите информации и елементи од истрагата. Доколку има елементи ќе се поднесат и соодветни кривични пријави до ОЈО за ГОКК. Воедно, за сите нови моменти од истрагата транспарентно ќе се информира македонската јавност. Истовремено, ќе се направат максимални обиди со цел што е можно побрзо изведување на главниот осомничен пред лицето на правдата.

-Во каква подготвеност и готовност е македонската полиција? Синдикатите се жалат на немање основни услови и средства, стари униформи…

Целокупниот разузнавачко-безбедносен систем е на колена, а состојбата е загрижувачка и хаотична. Реформите на безбедносниот систем кои ги предводеше Оливер Спасовски се дефинитивно неуспешни и не ги даваат резултатите кои ги очекуваат пред се граѓаните, но и меѓународните партнери на Македонија. За неуспешноста на безбедносните реформи и неефикасноста на безбедносниот систем, вклучително и МВР како носечка безбедносна институција, сведочат безброј коруптивни, криминални и безбедносни скандали од меѓународни размери во изминатиот период откако СДСМ и ДУИ се на власт. Наместо успешна институција етаблирана во меѓународни рамки, сведоци сме дека Оливер Спасовски и неговиот тим создадоа институција која се мачи да одговори на основните безбедносни предизвици.

Синдикалните организации, кои вистински се залагаат за заштита на правата на вработените во МВР, се целосно во право за критиките кои ги упатуваат кон Оливер Спасовски и раководството на МВР и проблемите на кои укажуваат мора најприоритетно да се адресираат доколку сакаме готовноста, мотивираноста и ефикасноста на полицијата да биде на посакувано ниво.
-Уште еден голем проблем во МВР се и партиските вработувања.

Имате ли сознанија каква е состојбата на оваа тема, што се случува со нестручниот кадар вработен по партиска основа?

Денес МВР е високо партизирано, пренатрупано со нововработен неквалитетен и нестручен кадар, кој не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата е главна карактеристика на безбедносниот систем.

Сите непослушни или идеолошко некомпатибилни вработени се подложни на силни нехумани притисоци, мобинг, дискриминација, дисциплински постапки, суспензии и откази. Имајќи монопол на системот за безбедносни проверки, се вршат злоупотреби и на добар дел од нив им се фабрикуваат безбедносните проверки со цел уништување на нивната професионална кариера и институционална елиминација. Тоа е и причината за огромниот број на изгубени судски работни спорови за кои МВР губи милионски суми и за ова мора да се сноси одговорност.

Моралните, етичките и професионалните вредности во МВР се целосно руинирани. Редот, дисциплината и почитувањето на хиерархијата се сериозно нарушени. Системот на кариера е целосно уништен. МВР се соочува со сериозен дефицит на конспиративност, професионалност и стручност. Отсуствува довербата, колегијалноста и институционалната лојалност. Припадниците на МВР се се почесто предмет на насилни напади. Корупцијата и пенетрацијата на криминалните структури во МВР е сериозна и загрижувачка.

Целото интервју може да го прочитате во КУРИР.