Членовите на македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашање денеска и утре во Софија ќе одржат нова средба, прва оваа година, на која според најавите ќе се разговара по забелешките за учебниците по историја, како и за Гоце Делчев.

На претходната 16. средба, одржана на почетокот на декември 2021 година, членовите на Комисијата, како што соопшти тогаш македонската страна во ова заедничко тело, не успеаја да ги надминат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата.

– Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка, беше наведено во соопштението по средбата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела изјави дека не треба да се создава притисок со рокови врз Заедничката историска комисија, туку целта е да се создаде процес на доверба за решавање на спорните прашања.

Според Османи, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.

– Имаме пристап што е малку поразличен од претходните, сега имаме работни групи, од кои четири се секторски, една е Историската комисија. Затоа честопати велам оти четири пати зборуваме за иднината, а еднаш за минатото и тоа кажува за новиот пристап што го внесовме во овој нов циклус, изјави шефот на дипломатијата.

Османи смета дека работата на Комисијата е долгорочен процес и оти нејзина цел е да ја конзервира темата, со цел општествата и политичарите да не дебатираат за историјата и тие историски прашања да не ја контаминираат билатералната секојдневна комуникација.

– Тоа е најважниот квалитет на таа Комисија и доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растоварат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите бидејќи ние велиме, да, треба да се надминат тие разлики, но никој не очекува  дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати, истакна Османи.

Според најавите во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.