АРМ е неутрален чувар на територијалниот интегритет и независноста на земјата. Таа ја штити границата, сувереноста, безбедноста и унитарноста на Република Македонија. Армијата им помагаше на своите граѓани во справување со природните непогоди, а учествува и континуирано во мировните мисии ширум светот.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија и Врховен командант на АРМ, Ѓорѓе Иванов на денешното одбележување на Денот на АРМ 18 Август.

Иванов истакна дека АРМ во изминативе години исполнувала големи задачи и во услови кои од година во година станувале се посложени и поризични. Според него, македонскиот придонес не е симболичен, туку стуштински. Иако Македонија се уште не е во НАТО, АРМ де факто е во НАТО и затоа земјава не скршнува од зацртаниот евроатлански пат.

– Најголем предизвик за армијата за време на мојот мандат беше во 2015 година, со мигрантската криза. Во услови на длабоки политички поделби, протести и контрапротести, кога многу институции беа парализирани, а многу процеси блокирани, постоеше опасност територијата на Македонија да биде преплавена од мигрантски бран, рече Иванов, додавајќи оти Армијата успешно се соочила со сите предизвици и целосно ја оправдала неговата доверба и довербата на сите граѓани.

Според него, не треба да се заборави дека припадниците на Армијата се наследници на македонските борци, кои биле водени од чисти мотиви и праведни цели.

– Ние немаме темна дамка во историјата од која би се срамеле и за која би се извинувале. Македонските борци се бореле за слобода и човечки правдини и биле на вистинската страна на историјата. Илинденците се бореа против тиранијата, а партизаните против фашизмот и нацизмот. Вие припадниците на современата АРМ се борите против заканата од насилниот екстремизам и глобалниот тероризам, рече Иванов.

Истакна дека се повеќе треба да се инвестира во одбраната, во современите технологии поради новите хибридни закани, а најважна е инвестицијата во подобрување на животниот стандард на Армијата, истакнувајќи дека военото лидерство треба да биде имуно на партиски и политички притисоци.

На денешната церемонија беше извршено примопредавање на функцијата началник на Генералштаб на Армијата. Досегашниот Методија Величковски е заменет со генерал мајорот Васко Ѓурчиновски.

Ѓурчиновски преземајќи ја функцијата на  нов 11 по ред началник на ГШ рече дека со цело свое знаење ќе придонесе АРМ да биде во највисок степен на воена готовност, со цел граѓаните да бидат спокојни и безбедни.

На денешната церемонија бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев беше одликуван со медал на Легија на заслуги од Армијата на САД како благодарност за неговиот ангажман како воено аташе во САД од август 2015 до февруари 2018 година.

На централната свеченост четворица потполковници беа унапредни во чин полковници, додека од бригаден генерал во чин генерал мајор беше унапреден Павле Арсовски. Беа доделени и благодарници на институции за поддршка на Армијата, а парични награди на вработени во Армијата на Република Македонија.

На свеченоста присуствуваа и министерката Радмила Шеќеринска, пратеници, поранешни министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ, пензионирани генерални наАРМ, амбасадори и воени аташеа во РМ и високи гости од повеќе институции.