За премиерот Димитар Ковачевски прифатливо е парламентарните избори да бидат во мај вгодина. Денеска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп, тој првпат кажа дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите. Досега премиерот говореше дека парламентарните избори ќе се одржат во нивниот редовен термин во јуни, а претседателските во април.
„Сметам дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите, а за финалните ставови на политичките партии ќе информираме тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на Парламентот, рече премиерот Ковачевски.
Извори блиски до владејачката партија велат дека во наредните денови ќе се постигне договор меѓу партиите, парламентарните избори да се одржат кон почетокот на мај односно да бидат заедно со вториот круг на претседателки избори.
Ковачевски смета дека на изборите ќе победи европската коалиција која ќе ја предводи СДСМ, а околу која ќе бидат обединети повеќе партии.
„Сметам дека Алијанса го има тој капацитет да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел. Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори“, рече Ковачевски.