Неизвесно е дали денешните парламентарни избори во Шпанија ќе доведат до излез од сегашниот политички ќор-сокак во земјата, бидејќи ниту левицата, ниту десницата имаат шанса да освојат парламентарно мнозинство, прогнозираат три истражувања на јавното мислење спроведени по барање на шпански весници.

Според анкетите на компаниите за маркетиншки и социолошки испитувања „НС Репорт“, ГАДЗ и „СигмаДос“ спроведени во понеделникот по барање на весниците „Расон“, „А Бе Се“ и „Мундо“, победници на изборите ќе бидат социјалистите, но повторно нема да располагаат со мнозинство за да состават влада.

Партијата на актуелниот шпански премиер Педро Санчес ќе загуби одредена поддршка, освојувајќи околу 120 пратенички места, додека екстремно десничарската партија „Вокс“ ќе добие моќ и ќе стане трета по големина политичка сила со околу 40 мандати во 350-члениот Долен дом.

Десноцентристичката Народна партија, која заедно со социјалистите доминира во политичкиот живот во Шпанија, се очекува драстично да го зголеми бројот на своите пратеници, додека либералната партија „Сиудаданос“ ќе претрпи најголем пораз на следните избори, со една третина помалку местата за разлика од април.

Согласно шпанското законодавство, во понеделникот беше последен ден за спроведување социолошки анкети пред одржувањето на изборите.

За Република Македонија се важни денешните избори во Шпанија за да се конституира Парламент и Влада за ратификација на Протоколот за влез во НАТО, што е закочено во оваа земја поради политичката криза и неможноста да се конституира Влада по последните избори.