Парламентарните избори во Словенија се закажани за 24 април, а властите размислуваат за начините на кои ќе им се овозможи на лицата кои тогаш ќе бидат во изолација поради коронавирус да можат да го остварат своето гласачко право.
Според еден од предлозите на Државната изборна комисија, лицата во изолација би можеле да гласаат во посебен термин, по затворањето на гласачките места. Се предлага избирачките места да останат отворени само за лицата во изолација во периодот од 19.15 до 21.15 часот. Во тој термин би гласале оние на кои ќе им биде наложена изолација на пет дена пред изборите, па поради тоа не би можеле да го испратат својот глас ниту преку пошта, соопшти Изборната комисија.
Друг предлог е за лицата во изолација да се обезбедат два часа, но во рамки на изборниот ден, што значи дека тие би гласале во периодот од 17 до 19 часот.
Дел од здравствените власти сметаат дека за лицата во изолација треба да се изнајде начин за тие да го остварат своето право во своите домови.
Еден од засега неофицијалните предлози на Државната комисија е, во случај на убаво време на денот на изборите, а епидемиолошката состојба се уште е тешка, избирачките места да бидат поставени на отворено, односно под шатори.
Изборната комисија најави дека ќе расправа на оваа тема и во следните денови ќе донесе одлука.