Француската Национална ловечка федерација (ФНЦ) реши на изборите за Европскиот парламент во јуни следната година да настапи со сопствена изборна листа наречена „Не допирајте ја мојата руралност“.

Претседателот на ФНЦ, Вили Шран најави дека тој ќе биде носител на листата, која ќе има за цел „да го брани руралниот начин на живот кој е под закана од технократите на ЕУ“.

Тој истакна дека неговата листа, пред се, ќе ги брани интересите на ловците, рибарите, ентузијастите во борбите со бикови и фармерите, кои, според него се „малцински дел од француското општество“ и практично се оставени на маргините на Европа.

– Европските директиви ги диктираат нашите животи многу повеќе отколку што мислиме, додаде Шран во изјава за француското радио ФБН.

Тој посебно ја критикуваше забраната за автомобили со внатрешно согорување, која според него, „сто технократи“ од Брисел ја воведуваат во време на економска криза, кога многу луѓе не можат да си дозволат електричен автомобил, оценувајќи дека многу од еколошките мерки на ЕУ се „казнени“ и „животински“.

– Не сум сигурен дали утре ќе имаме право да јаваме коњ. Не сум сигурен дали ќе ни биде дозволено да ставиме дождовен црв на јадицата. Не сум сигурен дали ќе ни биде дозволено да јадеме ребро на скара, додаде Шран.

Со својата анти-ЕУ реторика се очекува листата на Шран да привлече дел од гласачите на десничарскиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, пред се во руралните делови на Франција.

Стравувајќи од прелевање на нивните гласови кон Шран, РН потсети дека во вториот круг на претседателските избори минатата година тој повика да се гласа за францускиот претседател Емануел Макрон, чиј противкандидат беше Ле Пен. Од партијата дури сугерираа дека „Шран работи за Макрон“, тврдејќи дека неговата кандидатура е во договор со францускиот претседател.

На Европските избори во 1999 година, француското Рурално движење (ЛМР), кое во тоа време се нарекуваше Лов, риболов, природа и традиции (ЦПНТ) и бранеше слични вредности како листата на Шран, освои 6,77 отсто од гласовите и шест места во Европарламентот, а во 2009 година со 4,8 отсто остана за малку под изборниот праг од пет проценти.

Шран, сепак, се надева дека барем ќе ја мине границата од три отсто за да има право на рефундирање на трошоците за кампањата, за која вели дека ќе го чини два милиони евра.

Фото: Фејсбук