Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче. Романот беше одбиен од Министерството за култура со образложение дека книгата „не е од национален интерес“. Голем број читатели на „Матица“ во меѓувреме го поддржаа печатењето на романот за кој еде н од рецензите напиша дека е „ремек-дело на македонската книжевност, фасцинантна метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка“. Трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“, романот го отвора  прашањето за тоа дали може да се биде среќен без чувства. Големата љубовна одисеја на Гоце  и Јанка почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години. Траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само ако се родат некакви чувства. Дали се родиле такви чувства?

Во својот осврт за романот д-р Марина Мијаковска подвлекува дека „Ако се родат некакви чувства“ е ремек-дело на македонската книжевност, фасцинантна метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка:     „Врз фонот на историските факти како предлошка, преку љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски создава приказна во чиј центар се чувствата. Пајажината на нарацијата се плете меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста. Пред нас е книга што секој човек со вистински чувства мора да ја прочита и да ја има во својата колекција на врвни дела.“

Режисерот Бранко Ставрев, кој, меѓудругото, на  впечатлив начин ги пренесе делата на Чинго, Петре. М. Андреевски и Митко Маџунков на сцена, пишува дека пред нас е роман  за  иронијата,  за  сарказмот, за  чувственоста и  безчувственоста, за документарното,  фиктивното,  болното,  оригиналното   и  фалсификуваното:

„Прашањето  со  кое  читателот на крајот ја затвора  последната страница на книгата е:  зошто   Гоце  татковината   што  ја  милува  и  несудената  мајка  на  неговите  неродени  деца,  во  кои  е  смртно  вљубен, му  ги  доверува  на  својот  најдобар  другар?  Да  не  се  уплаши  војводата од  помислата  дека  може  да  биде  убиен,  па  едната  и  другата  негова  љубов,  татковината  и  мајковината,  да  бидат  испоганети  од  плипот  никаквеци  кај  кои  не  се  родило  никакво  чувство  никогаш.  „Ако се родат некакви чувства“ е  исклучително дело родено во име на љубовта од перото на  големиот  мајстор  на  зборот  Блаже  Миневски“, пишува Ставрев.

Според Јордан Плевнеш, романот на Миневски за љубовната одисеја на митскиот херој на македонската национална и духовна револуција Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Каневче има значење на тектонски удар во историјата на македонската проза.

„Тоа е дело за невозможната љубов во време кога ‘Македонија е спрострена како пациент на болничка маса’, подвлекува  Плевнеш во својот есеј за романот. Евангелистот Јован Богослов вели дека Бог е Љубов и Македонија е Љубов, ако не биде прифатена како Љубов, Балканот никогаш нема да биде цивилизација. Приказната за љубовта на Гоце и Јанка, подвлекува Плевнеш, е астероид од типот ‘Амор’ со кој возвишената љубов ќе остане вечно во планетарниот систем и ќе потсетува на единствената и неповторлива македонска одисеја.“

Книгоиздателството „Матица Македонска“ посочува дека во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина.