НУ Центар за култура-Битола во соработка со амбасадата на Австралија отворија изложба на Абориџинска култура.

На синоќешната свеченост во Битола, за изложбата на тема „Каннинг сточен пат“ говореше Зоран Костовски, почесен конзул на Австралија во Македонија и тој истакна дека на изложбата е претставена Австралија од крајот на 19 век, времето кога во таа држава се отвораат значајни наоѓалишта на руда.

-Најголемиот број на рудници се отворени во средишниот дел на западна Австралија, а тоа принудило голем број на сточари своите стада да ги пренесат минувајќи пат долг 1.800 километри. Тој пат минува низ неколку пустини, на трасата од тој пат ископани се 54 бунари, и тој пат наречен „Каннинг сточен пат“ е симбол за тоа како се совладувала природата за подобар живот. Денес западна Австралија е носечки дел на целата државна економија, а најголем дел од македонските иселеници како пред два века,така и денес може да се сретнат како работаат во рударските населби, појасни Костовски.

Каннинг сточен пат врви низ Абориџинска земја, низ територија на најстарите народи во светот кои според научните истражувања на планетата Земја егзистираат околу 65.000 години.

-Преку цртежите за „Каннинг сточен пат“ сакавме да понудиме една креативна новина на фестивалот „Илинденски денови“ чии програмски содржини се во тек. Организирањето на изложбата го договоривме неодамна на манифестацијата „Филмска недела на австралискиот филм“, а сега сведочиме на ретка изложба на уметници кои живеат и творат во своето родно место пренесувајќи ја Абориџинската култура, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Изложбата „Каннинг сточен пат“ посветена на Абориџинската култура е поместена во фоајето на битолскиот Центар за култура и ќе биде отворена седум денови.