Биеналната изложба „Скулптури на новото време 2019“ вчера беше отворена во кумановскиот Центар за култура Трајко Прокопиев“. Кумановци имаа можност да ги разгледаат 26-те скулптури  од различни материјали во повеќе скулпторски техники изработени од 22 автори.

-Ова е јубилејно десетто издание и овој пат имавме можност да разгледаме различни стилови од автори од повеќе генерации, од автори кои доаѓаат од различни скулпторски академии. Авторите користат мермер, глина, камен, метал дрво што продинесува за разноликост на изложбата, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност од кумановскиот центар за култура.

Изложбата има за цел континуирано да ја следи продукцијата на скулпторите и да ја презентира нивната работа пред пошироката јавност. Годинава со свои дела учествуваа Владимир Величковски, Симеон Арнаудов, Јордан Јанев, Предраг Јаневски, Јадранка Урдаревска, Виктор Лазароски, Соња Поповска – Трајковска, Емил Солески, Никола Смилков, Александар Наумоски, Илко Стојановски, Горан Ѓорев, Андреј Митевски, Ангел Коруновски, Влатко Зафирковски – Свире, Перо Кованцалиев, Марјан Стојаноски, Маја Танева, Александар Јанев, Методи Исков, Филип Перески и Давид Атанасоски.