Дарко ЈАНЕВСКИ

Ајде да се обидеме на проблемот со овие табли за Александар, татко му Филип и мајка му Олимпија, да погледаме малку од друга аспект. Од апсект на тоа, колку првите биографии за Александар воопшто докажуваат дека тој е дел од „хеленската историја“, како што стои на таблите поставени од Заев и неговите пајташи.

Научниците кои се занимаваат со проучување на Новиот завет, но пред се од историски, а не од теолошки аспект, се поделени во две групи.

Едната група смета дека постои голема временска разлика меѓу периодот кога настаните се случиле (6 година п.н.е. како датум на раѓањето на Исус – 30 година од н.е. како најчесто споменуван датум на неговата смрт) и времето кога евангелијата се пишувани (најшироко прифатен став е дека Евангелието по Марко, прво напишаното, датира од околу 70 година од н.е.) и поради тоа, тие не може да се сметаат за веродостојни сведоштва.

Втората група научници, пак, смета дека таа временска разлика од 40 години меѓу настаните и нивниот опис во евангелијата е мала кога се гледа во историски рамки, и обично како аргумент за тоа го наведуваат примерот со биографиите на Александар Македонски.

Така, на пример, д-р Карл Блумберг во своите настапи, но и во книгата „Случајот Исус Христос“ на Ли Стробл, истакнува:

„Двете најрани биографии за Александар Велики се напишани од Аријан и Плутарх 400 години по неговата смрт, а сепак историчарите ги сметаат за писанија на кои „генерално може да им се верува“.

Инаку, и Аријан и Плутарх се историчари од вториот век од нашата ера. Аријан е роден во 86 година, а умрел околу 160 година од н.е.

Плутарх е роден во 46 година во Херонеја, а умрел во 120 година.

Во денешните биографии на двајцата се наведува дека се грчки историчари.

Оттука, од овие двајца, со грчки печат, се започнало.

Од првиот век потекнува и Квинтиј Руф, римски историчар од грчко потекло, кој е автор на „Историјата на Александар Велики“, кој и покрај потеклото, јасно наведува дека Хелените и Македонците зборувале различен јазик.

Како и да е, научниците немаат никаков доказ или сознанија од каде овие антички историчарите ги црпеле сознанијата за своите биографии. Блумберг смета дека тие ги запишале легендите за Александар кои опстојувале низ четирите века, додека пак некои други сметаат дека тие, како извор, користеле книги кои за нас не се сочувани, што е помалку веројатно.

Но, во секој случај, се почнува од овие историчари кои имале сосема конкретни и разбирливи, но не и научни причини, за хеленските ставови кога е Александар во прашање, а врз кои потоа дузина светски научници го изградиле ставот за тоа дека тој  период е „хеленистички“.

Уште повеќе тоа се однесува и на ненаучниот став за тоа дека Сонцето од Кутлеш и припаѓа на хеленистичката култура. Неговата историја оди до времето на таткото на Филип, што значи дека временската разлика меѓу првите пишани извори и времето на владеењето на Филип е уште поголемо.

Тука се чини лежи големата измама. Значи имаме смрт на Александар Македонски, потоа празен простор од 400 години и потоа биографии за Александар во првиот и вториот век од н.е. од грчки историчари за тоа дека тој е дел од „хеленистичката историја“. Врз тие дела за кои нема доказ дека имаат врска со вистината, стотици и стотици т.н. научници имаат изградено кариера и сосема е јасно дека тие нема да се откажат од тоа и да ги доведат под сомнеж своите дела, кои одат наназад до Аријан и Плутарх, а на кои, според Блумберг, може само „генерално да им се верува“ (иако Блумберг смета дека легендите можеле да опстојат нечепнати во период од четири века).

Што значи тоа генерално? Може да значи се, но не мора да значи ништо.

И кога така стојат работите, две илјади и 300 години после тоа, се најдоа некои си Заев, Димитров, Шеќеринска, ете го и оној Милевски од Битола (чија е Хераклеа, море срамотилак еден), да тврдат, да залепат табли на Филип, на Александар… дека се „фигури (пазите ви се молам – фигура!) од античката хеленска историја и цивилизација…“.

Срамота. Ах, да и за оние наши историчари задолжени за тој период кои ги раниме од наши пари.

Патем, во 2016 година, религискиот скептик Барт Ерман (научник кој го познава старогрчкиот јазик на кој се пишувало во првите векови од нашата ера), поранешен христијански фундаменталист, но и еден од најголемите експерти за Новиот завет, издаде книга во која се обидел да објасни што се случувало со легендите и приказните од времето на смртта на Исус (30 година од н.е.) до времето на пишување на првото евангелие (70 година од н.е.)

Човекот проучувал и психологија, се консултирал со многу експерти и заклучил дека во толкав временски период, човекиовиот ум создава своја вистина, која не мора да одговара на вистинитоста за самиот настан.

Неговата теза нема врска со нас во Македонија – тој сака само да објасни дека на евангелијата не може така беспоговорно да се смета како на историски извор, што не засега во ничија вера и верба во напишаното, затоа што постои временска дупка меѓу настаните и нивното пишување од околу 40 години (во случајот со Евангелието по Јован, таа „дупка“ е околу 60-65 години).

Се разбира, за својот став нуди и докази – ако не би било така, во евангелијата не би имало спротивставености за ист настан до степен што едно со друго се уништуваат. На пример, после раѓањето, Јосиф со Марија и Исус избегале во Египет (Матеј) или заминале за Ерусалим (Лука)?. Не може и едното и другото. Не може, па макар станувало збор и за самиот Исус, во исто време да биде и во Египет и во Ерусалим.

Ова е само еден пример. Има десетици такви. И сето тоа, надоврзано со научниот став кој Ерман го презентира дека е невозможно за период од 40 години легендите да се зачуваат во облик кој е вистинит. Тоа пак, покажува дека на таквите писаноја, гледано од научен истриски аспект, не може апсолутно да им се верува.

Ако тоа е така кога станува збор за период од 40 години, тогаш можете да замислите што се случувало со легендите за Александар за време од 400 години, колкава што е разликата меѓу годината на неговата смрт и годините кога се напишани првите дела за него. Плус, од перото на автори кои сосема извесно, пристрасно го присвојувале Александар како дел од хеленската историја.

Кога работите стојат вака, тогаш како дојдовме до тоа некој од Муртино, една Прада, оној со исушената рака и некој си таму од Битола, да ни лепат вакви табли за Александар и Филип?