Уметникот и доцент на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Охрид, Јане Бакрески со свои уметнички инсталации и предавање учествува на Интернационалниот симпозиум за електронска уметност (ИСЕА), во Дурбан, Јужноафриканска република.

Инсталациите со наслов „Аугментативна апстракција“ и „Голем човек“ своите почетоци ги бележат уште во 2016 година. Првата изложба на „Аугментативна апстракција“ се одржа на Фестивалот „Охридско лето“ во просториите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, поддржана од менаџментот и од двете институции, предизвикувајќи со својата иновативност интерес кај пошироката уметничка јавност.
И двете инсталации се зафаќаат со предизвикот на односот помеѓу уметноста и технологијата, кој доаѓа како природен резултат на интерестот и работата на Бакрески, не само до традиционалниот, туку и со дигиталниот медиум. Тие визуелно го толкуваат проблемот на односот на човекот со себеси, со светот, техниката, уметноста, допирајќи актуелни прашања и нудејќи еден естетски одговор. Бакрески и понатаму ќе продолжи да ја интегрира технологијата во уметноста како во својата уметничка, така и во својата образовна дејност.
Бакрески, кој е доцент по предметот Визуелни уметности на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Охрид, веќе една година е визитинг професор на Универзитетот КваЗулу-Натал во Јужноафриканската република, е меѓу најдобрите петстотини во светот спред Шангајската листа.