Првичната информација беше дека затворивме четиринаесет, сега таа бројка е 18. За жал, ете во Македонија и тоа се случи, најбруталниот пример е дека ние најдовме регистриран институт во една просторија во казино, но не само така. Има регистрирани институти во станови, има регистринани институти, односно простории за институти, во продавници и така натаму. Не е ни локацијата толку страшна освен нели, ова во казиното. Институтот за да функционира треба да исполни одредени законски услови и треба да работи според тие одредени законски услови, значи да продуцира научно – истражувачка работа. Тие може да имаат апликативна но, првенствено мора да продуцираат научно – истражувачка работа – изјави во своето гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија со новинарот Љупчо Цветановски министерката за образование Весна Јаневска за затварањето на институтите.
– Такво нешто не се случи. Јас со големо задоволство можам да кажам дека сега конечно во помош ни доаѓа и Агенцијата за квалитет во високо образование. Години уназад до доаѓањето на новата директорка Христина Серафимовска ни една единствена евалуација не беше направена на институт, факултет, универзитет иако тоа по закони требаше да се прави. Од кога е она дојдена, направени се бројни евалуации со странски експерти вклучени за да не биде ние некого нели го гледаме со поинакви очи од другиот или повластуваме некого. Значи вклучивме во комисиите странски експерти, конечно имам евалуации, и сега течат рокови ќе имаме затварање и на одредени факултети, на одредени приватни универзитети , истакна Јаневска.
Јаневска смета дека со новиот закон се ограничени приватните студии во области од силен јавен интерес (правни, медицински и слични), со цел за да се обезбеди стручен кадар и квалитет во високото образование. Паралелно, државниот просветен инспекторат направи проверки и на неколку државни факултети, по утврдување на неправилности, институциите добиваат записник и мора да ги почитуваат законските одредби.
– Со новиот закон ги на некој начин оневозможивме, правните студии, медицинските студии и другите на приватните, таму каде што има силен јавен интерес, каде што државата зависи од луѓето кои тој факултет ќе ги испродуцира, односно од стручњаците и нивното знаење и на тој начин си го олеснуваме процесот за да постигнеме квалитет во високото образование. Во меѓувреме и на државните факултети направивме неколку би рекла евалуации или државниот просветен инспекторат направи, влезе на увид на неколку од нив, таму каде што генерално добиваме поплаки. Системски ќе почне агенцијата да работи после новиот закон и да утврдивме неправилности и постапивме по тие неправилности и факултетите си ги почитуваат законските одредби откако нели ќе добијат записник за тоа што треба да се поправи, вели Јаневска.
Според Јаневска, тоа е бавен процес , но важно е дека се движат работите во добар правец и дека луѓето сфатија дека има контрола и полека да почне да се продуцира соодветен кадар.
– Релативно добро се движиме, да бавен е тој процес, но не е битно колку е бавен. Битно е дека се движиме во добар правец. Битно е дека луѓето сфатија дека ќе има контрола. Битно е дека студентите сфатија дека треба да учат и не може да се однесуваат. Целиот универзитет не може да се однесува надвор од законот, туку треба да функционира законски и тоа е навистина релативно добра порака која ние ја праќаме и очекуваме полека и тие што ќе останат да функционираат да се усогласат со сѐ што треба што е законско решение и да почне да продуцираат соодветен кадар. Затоа што, жал ми е што морам да кажам но, да јавна тајна е. Па дури и некои соседни држави се имаат усно пожалено дека квалитетот на одреден број студенти кои се испродуцирани во Македонија не е на ниво . И тука имаме добри законски решенија и верувам дека имплементацијата ќе го решава и овој проблем, вели Јаневска.




