(второ продолжение)

Место на случување – Солунската гимназија. На првиот спрат, во собата на прислужникот во гимназијата, седат Гоце Делчев и Даме Груев. На влезот во собата, стара дрвена врата која чкрипи при отворање. Помеѓу вратата и подот има простор од барем пет сантиметри. Подот во собата е дрвен, од даски, толку лошо споени што помеѓу нив дува студен провев од подолниот спрат. На средината на собата има дрвена маса врз која е поставено „миле“. Некоја баба го сошила со специјален конец донесен од Стамбол, за внучето полесно да и добие диплома. Имала сон дека внукот ќе станел министер за образование, па бабата решила да го помогне сонот.

Врз „милето“ има керамичка вазна. Во неа свежо цвеќе. На крајот од масата послужавник со бокал со вода и две чаши свртени наопаку. До едниот ѕид е едниот кревет, и на него, со скрстени нозе седи Гоце. Витка тутун, а пред него дрвено столче со филџан кафе. Од тоа неговото – тешко синџир, со лажичка ипол кафе и две лажички шеќер.

До ѕидот со прозорец, се наоѓа другиот кревет. На него седи Даме, во спротивниот агол од Гоце каде се спојуваат два ѕида. Тој не пие ништо. Познат аскет е. Едната нога му е полусвиткана, другата крената во колено, на нејзе ја потпрел раката, а со дланката се држи за главата. Разговараат.

 Разговорот го снимил и го оставил во дворот на Бихачка: Дарко ЈАНЕВСКИ (загрижен патриот)

ДАМЕ: Добро, а што било тоа во Скопје дека на некои им се видело дека Борис Сарафов го убил Ѓорчета? Прво помислев „пак се напиле ова скопјаниве“, ама гледам не била пијана работа. Сериозно велат. И не само тоа. Имало некои пари за кадиите во Битола, Скопје и Солун, ама по грешка ги дале на некоја Ката и некоја Фатиме.

ГОЦЕ: Колку пари? И таа Фатиме нели беше на оној Цанде со Сотка Пискуло?

ДАМЕ: Не, не, оваа друга е. А парите – по 300 000 лири!

ГОЦЕ: По 300 000 лири! А ние будали 14 500 зедовме за мис Стон. Ај, ај… Брате, да го реши ова Ќосето? Со тие пари, на пола Македонија вили ќе им купиме на Халкидики.

ДАМЕ: Гоце, што се тоа „вили“? И што ќе прават на Халкидики? Риби ќе ловат? Од таму сите се иселуваат. Еве, прашај го оној Стево, на Цончев што му вика „хубави“… И тој ќе си одел од таму, ама во некоја Гркинка се заљубил…! А овие двеве немој со Ќосето. Поарно дај ги на Јордан Пиперката. Тој ќе им најде чаре!

ГОЦЕ: Е, ќе им најде, ама па тие се здружиле со некој Стивен од Америка…! Тој бил близок со кадии.

ДАМЕ: Значи да си ставиме малку тутун во уста, да џвакаме и да си гледаме во зелено. А? Ама јас што не џвакам тутун?

ГОЦЕ: Хе, хе. Е, море Даме. А, за тоа дека Борис го убил Ѓорче викаш им се видело? Од секогаш сум ти велел да ги оставиш скопјанчиштата, чурук луѓе се. Тие и онака ќе си го дадат градот на Иса бег од Косово. Тој пак им бил кодош на времето на Србите. Затоа сум дал налог: жени од други места со деца во Скопје да не одат. Ќе се расипат децата!

ДАМЕ: Ех, па ти, ко другине поарни да се!

ГОЦЕ: И ти си во право. А, за Борис…, вчера се видов со него. Рече, ќе отворале со Ѓорче јавна куќа во Варна. Е, ама Борис зел десет лири од ВМРО. И Јане (Сандански) го разбрал и рекол „ќе го убијам курвар еден, песна да не му пеам, улица зар по него ќе крстам“! Значи, он ортак со Ѓорче ќе станува, ама од Јане треба да се чува. А Ѓорче, знаеш, со Тодор има проблем. Се скарале за некоја нива со афион и за јавната куќа. Ѓорче сакал заем од Американците да земе, Тодор преку Крсте Мисирков од Ростковски, од Русите, после дошле некои Кинези, па се вмешале Турците зашто они полиња имале во Сирија… Па Американците се уплашиле за некои ниви таму некаде во Авганистан, на некој нивен Баден му ги ветиле, па се заканиле дека некој Лазо Колишев ќе ни го донеле козите да ги пуштел среде ниви, па после ќе ги забранел… И се измешала работата, до убивачка дошло!

ДАМЕ: Не знам, бај Гоце, така рекла онаа бабата од Скопје. Таа пие по некоја чашка ракија насабајле, после се и се гледа. Ама понекогаш погодува. Вика – тоа ќе било. Е, сега, не знам, велат, имала некоја ракија од цреши, таа да не и го мати и умот и видот. А, за Варна, немој Гоце, кажи им, утре ден ќе им пишуваат по книгите дека се Бугари. Еве нека отворат таква куќа тука, во Солун. А, инаку, каква е таа „јавна“?

ГОЦЕ: Хе, хе! Ќе им кажам, ќе им кажам. Па ако биде, ќе научиш зошто ја викаат „јавна“. Знам вие во Смилево немате, ами во Битола не си бил? Не си чул?

ДАМЕ: Не сум чул бај Гоце. Сум чул за амам, за јавна бања, ама куќа…?

ГОЦЕ: Ти стварно небањат си, асли вмровец. Јавна куќа ти е слично на јавна бања, ама… Туку ај Борис нека те научи, мене чирот ме фаќа сега од тие работи.

ДАМЕ: Добро, добро, веднаш се љутиш. А ако запнат за Варна, да им кажеш да се пишат барем за Македонци?

ГОЦЕ: Е тоа не може. Биле по амбасадите во Стамбол да прашаат, чунки овие во Солун и Битола конзулати се. И таму им рекле: Не може, не си прајте бајрам со умот! Да не ве менуваме два пати. Еднаш сега, еднаш по сто години. Какви Македонци! Плус на Ѓорче, оти од Прилеп е, му барале диплома по солфеж. Не можело јавна куќа без музика и песна.

ДАМЕ: И овие што направиле?

ГОЦЕ: Ништо. Донеле со себе 100-тина луѓе, тие повикале малку „нема правда, нема мир“, после закачиле пред секоја амбасада по една жица, знаеш онаа што ја викаат „македонска“, ја правел некој од Муртино и им ја продавал, тоа жица за алишта било, лажоман, и си отишле. Кој Софија, кој Атина…. Борис и Ѓорче не знаеле дека овие што ги донеле, пред тоа зеле по некоја лира од амбасадите. Тие им рекле лирите се за вас, жицата и викањето за во Солун, ама овие не разбрале, па таму поврескале и си отишле.

ДАМЕ: Добро. Ама пак тоа не ни го решава проблемот со Борис и Ѓорче. Да не се убијат, не ми личат на арни понекогаш…

ГОЦЕ: Не знам… Знаеш Борис каков е. Ако не му дадеш лири да оди во Версај или ако го оставиш гладен… Арно што нема дете уште, ќе треба школо во странство да му плаќаме.

ДАМЕ: А, да ги оставиме нека одат во Варна, па што сакаат нека прават. Да не ги разберат само Јане и Тодор Александров…? Да го пратиш Ќосето да ги предупреди?

ГОЦЕ: Е, дури тогаш завршивме работа. Но, ако му кажам… Ај, вака, нека ги остави живи, ама пред судот во Скопје да ги постави, како статуи. Слушам од Ќосето ќе правеле споменик таму, тамам овие двајца спроти него… да го гледаат. Само убаво да му објаснам. Оти знаеш каков е… Ако отидат со него и Тодор Паница, па онаа Мара Бунева, па имало некоја Менче Карничева, таа на оној бај Иван била, налудничав малку тој… Ќе биде „весело“.

ДАМЕ: Аааа, така. Браво шефе. Кај ти текна ова?

ГОЦЕ: Ќути ајде, уште немаме партии за така да се лигавиш! Срам да ти е! Толкав маж, па пиштол, па кама, да беше роден 40 години подоцна и пушка партизанска ќе ти дадеа, а тука „браво шефе…“!

ДАМЕ: Не се лути Гоце, вежбам. Слушнав така се станувало чорбаџија со полно ќесе пари.

ГОЦЕ: Така ли?

ДАМЕ: Да. Кога ќе дојде, му велиш дека е најпаметен и најубав…

ГОЦЕ: Еј, еј, не зајдувај. Јанка не ми рекла дека сум најубав, ти ќе ми кажеш…

ДАМЕ: Гоце, ќе дошле денови кога тоа ќе било модерно… Така викал некој од Унгарија, Џорџе Соров го викале. На маж, маж да му каже колку е убав…! Ама прво треба организација да направиш, не со бомби и со пиштоли и ками, туку баш мирна организација. Можело само боја да фрла. И после во Стамбол…

ГОЦЕ: Кај султанот?

ДАМЕ: Не, не, тој заостанат е. По амбасадите кај што оделе Борис и Ѓорче. Да ти дадат пари.

ГОЦЕ: Аааа, така ли? А ние будали, акај по планините со мис Стон. Нмаесто да бациме рака кај што треба и ете ти пари. Плус може ќе не праќаат ко магариња на ваква конференција, на онаква… Ех, Јане да знае…! До таму ли дошла работата? Кој знае што ќе велат за нас, еве цел ден овде. Ај, ај, отидов јас кај Јанка.

ДАМЕ: Кај Јанка? Нели се пожали од неа?

ГОЦЕ: Се пожалив, ама… . Да си фатам зимницата јас, ајварот, зелка да да ставам. Да ме разберат Турците, ќе ме фатат со мешалката в раце. И како редам чушки. Ама пак, кога го слушaм сето ова од тебе, си велам – Јанке, мое злато доаѓам! Само да не се запијам од таа ракијата од црешите. Викаат јапонски биле, удирале в глава веднаш! Ај отидов!

ДАМЕ: Добро, Гоце, не заборавај лук да ставиш на пиперките! Не ми оди ракијата без нив. Довидување!

Гоце излегува од собата. Даме останува така уште малку. Станува и тој. Низ процепот меѓу даските го гледа заминувањето на Гоце. Излегува и тој. Сака кафе, ама крај брегот. Ветре дува, седиш крај брановите, кафе и тутун в рака… Колку да пафка, не оти пуши. Убава е Македонија, си вели. Затоа да пијам уште едно кафе на брегот, додека не ја продале.

(Крај)

Првото продолжение од разговорот на Гоце и Даме проследете го на следниот линк: