Колку се реално можни предвремените избори и кога? Познавачите на политичките и правни состојби се сложни, на есен нема да бидат. Евентуално ,но не сигурно, првиот квартал на следната година е пореален тајминг. Ама има големо „но“…
–Заев ја испушти шансата да ги распише заедно со претседателските избори. Прилично лошо стои од аспект на тоа што го има досега направено во државата. Меѓу другото, затоа и го сака министерството за финансии за да може со негов потпис да обезбеди пари со кои што идната година би, на пример, сакате 100 илјади денари плата за лекарите- еве ви 100 илјади денари… Планот А е тоа да бидат кредити со троцифрени бројки. А има и друга варијанта како да ги обезбеди тие пари. И додека тоа не го постигне нема воопшто да размислува за предвремени избори, вели Дарко Јаневски, уредник на „Денешен.мк“.
–Прво не мислам дека се политички возможни пред да се заврши приказната со протоколот за зачленување на Македонија во НАТО. И пред да се исчека одлуката од Европската Унија за датум за почеток на преговорите, како и за евентуално отпочнување на истите оваа година, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Уште еден аргумент е аминувањето на членството во НАТО во 28-те парламенти што се очекува најрано во декември.
-ВМРО ДПМНЕ ќе почне да притиска. Се надева на есен, но свесни се и тие дека за тоа се потребни 61 гласа кои ќе треба да ги обезбедат СДСМ и ДУИ. Но, ќе почнат од есен да го зголемуваат притисокот во таа насока, смета Јаневски.
-Ако тоа биде малку подоцна на пример февруари или март, ако тогаш се почне Пржинската влада, тогаш влегуваме во еден термин кој е преблиску до терминот за редовни избори. Не треба да се предвидува дека многу брзи предвремени парламентарни избори се политички возможни, додава Арсовски.
-СДС има една дополнителна варијанта која никој за сега никој не сака да ја гледа, а тоа е дека тие ќе се обидат – ако тоа им биде потребно, да изманипулираат и да сметаат 4 години од моментот кога е формирана Владата, а не од моментот кога се одржани минатите избори, нагласува Јаневски.
Иако изборите не се брзо реални министерката Шеќеринска е на терен меѓу граѓаните, со плакати и слогани. Ги убедува оти исполниле се што ветиле како влада.
-Таа е страшен кариерист, тоа го докажала во изминатите 20-тина години. Ако Заев биде пуштен низ вода, односно ако си замине, за да може таа да го преземе местото. Така што оваа кампања што ја води не ја води во полза на СДС односно на Владата, туку во своја полза, коментира Јаневски.
-Мислам дека не треба да се мешаат државните и партиските функции. Треба да се провери дали министерката била со државни ресурси во кампања или се шетала како партиски претставник, дециден е Арсовски.
Законски техничката влада е 100 дена пред изборите, но роковите можат да бидат скратени доколку се гласа пред време.
Искра Коровешовска