Дарко ЈАНЕВСКИ

Како функционира пропагандата на Венко Филипче? Многу едноставно.

Ќе ги оставите моловте да работат, па уште и да прават некаков си „блек фрајдеј“. Луѓето, нормално, ќе се наредат еден преку друг, а потоа, се што треба е неколумина слепци од редот на Филипчовци да ги обвинат тие луѓе за заразата.

Потоа, лавината ќе тргне. И шуто и рогато, ќе се приклучи на кампањата за тоа дека самите луѓе си се виновни за епидемијата, Исто како што самите починати се виновни за тоа што починале бидејќи доцна дошле на лекар, иако истиот тој лекар претходно им рекол – седи дома, не доаѓај! Да не зборуваме за специјалист, посебно од некои други клучни области, до кого практично е невозможно да дојдеш.

Така доаѓаме до тоа дека и „волкот е сит и овците се на број“. Заев не му ја мисли за газдите на моловите и за дуќанџиите кои би му барале пари ако не работат, а Филипче не му ја мисли за бројките, зашто за нив се виновни самите луѓе.

Нормално, ретко кој прашува зошто воопшто моловите работат. Тука и таму, по некој залутан и ќе праша, ама ќе се загуби во морето од пропагандата која ве носи во погрешни води! Ама ако за тоа прашање дури и ќе најдете некој, макар го барале со „боринче“, никако нема да успеете да најдете некој кој ќе праша: Добро, моловите ги оставивте да работат, но зошто не ги затворивте во првиот момент кога се виде дека мерките не се почитуваат? Каде е Мери Проја?

Всушност, Мери Проја овде не е ни потребна, зашто тоа не е работа на инспекција (иако кај нас така ви велат и така го поставија системот за да можат газдите и директорите да минат само со парична казна), туку на МВР и на Обвинителство на Јовески. Добро треба да се има разбирање дека тие немаат сега толку време, зашто мора да следат кој што пишал на ФБ за Бугарите, ама сепак…

Имено, ако не се почитуваат мерките, ако тоа ја пренесува заразата – ене прашајте ги лекарите што во рамки на кампањата на Филипче ги колнат луѓето кои стојат во редови – тогаш тоа е едно од кривичните дела, во најмала рака од чл. 206 од КЗ. Ако тоа е така, тогаш местото на кривично дело мора да го обезбеди МВР, да повика обвинител, додека газдите, директорите и се по ред од одговорните да ги однесе во станица, а потоа ЈО да ги изведе пред судија со барање за притвор. Зашто инаку, веќе утре можт д аго овторат делото. Ако напроти тоа, судијата на одговорните им одреди 30 дена притвор, ако потоа се соочат и со затворска казна, тешко дека на некој во оваа држава ќе му падне на памет да отвори врата од мол, продавница, маркет, диско… а да при тоа не обезбеди дека мува ако дојде на помалку од два метри и ако не носи маска, нема да ја избрка надвор. Патем, кога местото ќе биде обезбедено од МВР заради сомнеж за сторено кривично дело (впрочем како то се обезбедува најобична сообраќајка), тоа значи дека не може таму да се шетате како на пазар, односно тоа значи дека местото е затворено.

Инаку, да врескате против луѓето што стојат во редови е исто како да врескате против оние кои стојат и пред банки. Или појдете до гробишта – има некаде околу 1 600 лица на кои можете да им врескате зашто му го реметеле мирот на министерот. А она пред банките го гледаме веќе седум-осум месеци и никому ништо. Најверни чекачи се пензионерите, тие над 65 години, а најголем број од починатите се од истата група. Ама тоа е во ред, нели?

Патем, ваква најбезорбазна замена на тези каква што ја вршат ордите поддржувачи на Супермен Филипче, се случува од март годинава и со случаите како тој во болницата во Штип кога жената која умре праќала пораки да и донесат боца со кислород. Филипче ја прати здравствената Мери Проја, односно некоја Бухова, наместо случајот да го расветлува Обвинителството. Така функционра овој систем на безобразно, дрско поигрување со животите на луѓето од почетокот на епидемијата. Но, зошто да сега да креваме тензија кога секаде умираат луѓето, нели? И зошто би и го расипувале ќејфот на ЛидеЛиде, на пејачката Арнаудова, на оние случаите кои пееја Корона чао и да не ја ширам понатаму…!

Инаку, Грците ја ограничија цената на тестовите. Треба нешто повеќе да се каже, освен дека кај нас ова требаше да се направи уште во март, кога тестиравме само по десетина луѓе дневно?

Патем, мерката за носење маски на отворено која главно се почитува стапи на сила точно пред еден месец – на 29 октомври. Вчера имавме 41 починат и 32 отсто позитивни од тестираните. Пред некој ден имавме над 40 отсто позитивни. Толку е муабетот.