Дарко ЈАНЕВСКИ

СДСМ не сака ни да чуе за опозициониот предлог да се искористат парите од вториот и задолжителен пензиски фонд за да му се помогне на колабираниот буџет на СДСМ и ДУИ, а со тоа и на државата во справување со постојната економска криза која допрва ќе се влошува и во која, дури и според убавите проценки, ни недостигаат околу една милијарда евра.

Клучната теза која СДСМ-овскиот „труст на мозоци“ ја смислил за да го омаловажи предлогот е дека тоа се приватни пари и дека државата не може со нив да располага.

Така, на пример, техничкиот премиер, Оливер Спасовски на ФБ напиша:

„Јас не можам да разберам како може лидер на опозиција или опозицијата да посегне по лични финансиски средства. Тоа е исто како сега да кажете сите кои што имаат штедни влогови во банките, државата може да донесе одлука и да рече да им ги земаме штедните влогови“.

И навистина, ова веднаш легнува во вашиот ум. Види, проклетија, сакаат да ми ги земат парите. Но, затоа тука се Заев, Спасовски, Царовска, Ангеловска, Шеќеринска… да ми ги одбранат. Па макар и по цена на поголема сиромаштија!

Оваа теза потоа почнаа да ја разигруваат новинарските загари на СДСМ, па сега може наголемо да ја најдете и по порталите кои се директно под капата на СДСМ и по порталите и медиумите кои глумат неутралност, а опозицијата се обидува да им се приближи со својот веќе досаден помирлив став со кој моли истите тие да ја сакаат. Но, добро, тоа е веќе друга приказна, небитна толку за овие редови (или можеби мошне, мошне битна)

Но, дали е баш така? Дали навистина држи тезата на Оливер Спасовски и загарите дека државата не може да интервенира во овој дел?

Самото име на „вториот пензиски фонд“ го дава одговорот на ова прашање. Тој, имено, е „задолжителен“. Да повториме – задолжителен. Што значи, државата донела пропис со кој вас, или одредена категорија граѓани, ве обврзува, вашите пари, кои што би рекол Спасовски се „лични финансиски средства“, задолжително да ги уплатите во фондот. Се разбира, оставена е можноста да одберете кој ќе биде тој фонд, но вашиот избор завршува тука. Вие не можете да кажете дека „вашите лични финансиски средства“ нема да ги уплатите.

Нормално, човек со малку разум би се запрашал: ако е точна тезата дека државата не може да „посегне“ по тие пари затоа што се приватна сопственост, затоа што се ваша сопственост, како тоа можела претходно, парите кои се исто така ваша сопственост, кои вие сте ги заработиле со тие 160 часа месечно работа, да ве принуди да ги уплаќате на некој си фонд? Може, затоа што државата не вели дека тие пари не се веќе ваши. На ист начин може и сега да донесе пропис со кој од тој фонд, за одреден период ќе ги преземе на управување и користење вашите пари. Тие нема да престанат да бидат ваши, само ќе се смени сметката на која се наоѓаат, титуларот кој одредено време ќе управува со нив, а потоа ќе ги врати, со одредена кмата.

Дали тука ќе изгубите нешто? Не, или многу тешко. Имено, целта на вториот фонд е со вашите пари да работи и да ги зголеми. Но, во оваа криза, се чини попаметно е вашите пари да отидат кај државата и таа да гарантира дека ќе ви ги врати со камата, отколку да останат кај некој фонд кој не може со нив да работи бидејќи економијата колабира. Наивно е да се верува дека во вакви ситуации, тој фонд ќе може да работи со парите подобро, отколку што се гаранциите на државата.

Впрочем, ваши се парите кои ги давате и за државниот пензиски фонд. Вие заработувате, а државата ви зема принудно од тие пари и ги уплаќа во државниот пензиски фонд. Ако Спасовски не може да замисли да се „посегнува по лични финансиски средства“, бидејќи очигледно е економски експерт од кумановскиот универзитет, тогаш, како тоа зема од вашите пари за државниот фонд? Исто е и со данокот, исто е и со Фондот за здравствено осигурвање. Државата во сите овие случаи „посегнува по вашите финансиски средства“. Клучна дебата во САД беше дали треба да има задолжително здравствено осигурување, однсоно дали државата може да ве натера дел од парите на Американците, да одат во некој тамошен фонд. Кај нас, таква дебата нема, зашто е прифатено мислењето, прифатен е приципот на солидарност (принцип на кој во кризата е прво нешто на што повика и самиот Чекич Заев). При плаќањето на даноци, од кои Спасовски енд компани земаат плата, што е небитно, но и спроведуваат тендери, што е битно, клучно е дека државата ви одзема по пат на принуда дел од вашите пари, за да може да функционира.

Значи, државата може да посегне по вашите пари. Може да ви ги одземе за работи кои смета дека се неопходни. Впрочем, како тоа СДСМ можеше да предложи мерка за намалување на платите, а загарите одмолчеа? Нели е тоа одземање на вашите „лични финансиски средства“? Со тоа што, таму ви одзема, трајно, овде станува збор за своевиден заем, кој ќе ви се врати. Има разлика? Има. Ама кој сака да ја види, наспроти тие кои што повеќе го сакаат Заев отколку државата. И тука паѓа целата теза на социјалдемократскиот труст на мозоци, теза која потоа, као што реков, ја разигруваат загарите, а која се состои во ставот на Спаосвски:

„Јас не можам да разберам како може лидер на опозиција или опозицијата да посегне по лични финансиски средства“.

Во реченицата ја забележувате манипулацијата, својствена за СДСМ. Вели „лидерот на опозицијата“. А, тоа не го прави односно не би требало да го направи (ниту може) лидерот на опозиицијата, туку државата. Која, како што видовме, може да посегне по вашите пари.

Но, тука има и друга манипулација. Во терминот „посегне“. Кој упатува на терминот „одземе“. Што е класична лага и манипулација од кумановскиот економист. Зашто државата не „посегнува“ по вашите пари. Не ви ги одзема во класична смисла на зборот. Таа само ве обврзува, да платите за услуги кои таа ги врши. Што е нормално, нели? Таа насилно ви одзема пари за ФЗО, но затоа не плаќате за операција 10 илјади евра, туку неколку илјади денари. Да си стоеше СДСМ на зборот за бесплатно здравство, немаше да ги плаќате ни тие. Магнетна резонанца ве чини 700 денари, наместо 12 или 15 илјади. Зошто? Затоа што државата посегнала по вашата бруто плата, по вашите пари, што Спасовски, сега се прави наудрен, не можел да го разбере. А лебот што го јаде, е токму затоа што државата одзела од моите, од вашите пари, а за возрат, тој треба да ни биде услуга. Не на услуга на дечињата на Локвенец и Исушениот.

Значи, да резимираме, ако државата на некој начин ги одзеде тие пари од, да повторам, „задолжителниот пензиски фонд“, таа нема да ја избрише вашата сопственост, иако може да го направи и тоа (на пример да го национализра или да предизвика инфлација со што вашата сопственост ќе изгуби на вредност). Целта е да се спасат вашите работни места, под услови кои би биле поприфатливи од условите, на пример, од некоја странска банка или од некоја меѓународна институција.

Така што, остајте ги комуњарите кои се нафатирани и кои ви велат дека ова е лошо решение и остајте ги исто така нафатираните комуњарски загари чија цел е нивните шефови од каде црпат пари да останат што подолго на власт. Ако во овие 30 години не научивте дека таа шема секогаш е на ваша штета и дека секогаш ве води кон осиромашување, тогаш… Е тогаш, скопјани би рекле – бркајте и си работа. Само прашањето е со што.