Освен човековиот разум и неговата логика, се разбира кај тие што ги имаат, постои уште една пречка поради која на референдумот со кој СДСМ и ДУИ имаат намера да ја протнат капитулацијата пред Грција, референдумското прашање не може да се врзува за членството во НАТО и за преговорите со ЕУ. Имено, Законот за референдум, патем донесен во 2005 година во време на владеењето на СДСМ, изречно предвидува дека референдумското прашање „мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“ (член 15 став 4 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива).
Ако внимателно ја прочитате одредбата, ќе видите дека целата стратегија на Заев анд компани и пред се, на нивните мислители од заднина, паѓа во вода бидејќи Законот не ги дозволува нивните подметнувања со прашањето. Стратегијата поаѓа од тоа дека договорот има поголеми шанси да помине (заедно со полнењето кутии) ако прашањето се врзе со членството во НАТО и ЕУ, што Македонците, а и другите го гледаат низ призма на повеќе пари. Оттука, менторите на Заев имаат намера да ја искористат неспорната идеја на се уште постојното мнозинство во Македонија, државата да стане членка на НАТО и ЕУ (процентите за членство се помали од пред некоја година, но се уште се над 50 отсто) за да го прошверцуваат и бришењето на Македонија, која токму по ова, прашање е дали ќе опстане за да може некогаш да се запише во регистерот на двете структури, пред се на ЕУ, каде процесот ќе оди побавно (најрано за десетина година).
Проблемот за Заевци е што членот 15 зборува за „прашање“, што значи тоа мора да биде едно. Не може во една реченица да се кријат повеќе прашања, а тоа најсликовито, како да црта слика и тоа слична на оние кои пред повеќе години се продаваа пред Стоковната куќа во центарот на Скопје (оној стариот центар што си го сакаат шарените и комуњарите) за да може секој да разбере, го објасни Љубомир Цуцуловски. Значи, самата одредба зборува за едно прашање, а не за четири во едно.
Понатаму, кон првиот услов за едно прашање, а не за повеќе во една реченица, како што сакаат да не измамат СДСМ и ДУИ со прашање во стилот „Дали сте за ЕУ и НАТО и за договорот со Грција“, Законот додава и втор кој вели дека тоа мора да биде „прецизно формулирано“, а таа прецизност секако не е работа на овој тим од октроираната власт. Кон „прецизно формулирано“ секако не може да се подразбере „четири во едно“.
Третиот услов што го бара Законот, односно член 15 став 4 од него, можеби е и клучниот, кој всушност претставува конечно надополнување на претходните два услови, вели дека прашањето мора да биде „недвосмислено“. Што тоа значи кажува самиот збор – не може да има двојна или повеќекратна смисла. Односно, ајде да се обидам и јас да нацртам поточе на слика од пред Стоковна од времето на комуњарите – на зборот „смисла“ му е додаден зборот „двојна“, па добиваме „двосмисленост, а негација на двосмисленоста е тоа што го бара Законот – прашањето да не биде двосмислено, туку „недвосмислено“.
А врзувањето на членството во НАТО и ЕУ со договорот со Грција, пак да го споменам Цуцуловски, има четирикратна смисла, односно е четворосмислено (недостига само уште некој од т.н. правни експерти на Заев да каже дека Законот забранува двосмисленост, но не и четворосмисленост). При ова, да го земеме примерот со нашите соседи од север, каде мнозинството од населението е за ЕУ, потоа истото мнозинство е против НАТО, а прашање е кој од тоа мнозинство е за откажување од Косово (кога, на пример, Србите би оделе на референдум со врзано прашање – дали сте да се откажеме од Косово заради членство во ЕУ).
Е сега, да се вртиме на вториот услов – прецизноста. Прашањето за договорот со Грција и членството во ЕУ и НАТО секако не е прецизно и бидејќи овде не станува збор за име под кое ние би влегле во овие две структури (таа беше идејата на приемот на РМ во НАТО под името Република Македонија (Скопје), туку станува збор за договор кој предвидува „ерга омнес“ примена на новото име со сите други клаузули чие исполнување бараат Грците, а кои предвидуваат измена на сите членови во Уставот на РМ, вклучувајќи ја и преамбулата, каде стои придавката македонски, македонско итн.
Значи прашањето кое би гласело така како што најави Заев, а кое отприлика е формулирано како „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО и за прифаќање на договорот со Грција“ има неколку спротивставености со член 15 од Законот за референдум и граѓанска иницијатива:
-прашањето нема една смисла, туку неколку, а Законот бара недвосмисленост или попрецизно кажано едносмисленост;
– тоа не е прецизно формулирано за да може граѓанинот да се изјасни со „ЗА“ или „ПРОТИВ“, а тоа е веќе е елаборирано во смисла дека некој може да биде за едното, но не и за другото итн;
– и не станува збор за едно, туку за повеќе прашања, што повторно се судира со еден од трите законски услови за тоа ако треба да гласи рефендумското прашање, утврдени во Законот за референдум и граѓанска иницијатива.
Значи, Владата не само што има намера да го фалсификува референдумот, за што јавно сведочат изјавите на Зоран Заев, туку и има намера да не го почитива Законот за референдум и граѓанска иницијатива. Правната анархија што ја создава Владата не ништо ново, од неа не може друго ни да се очекува, но сепак, вреди граѓаните да знаат и за овие нијанси. Како што треба да им биде јасно и дека т.н. меѓународна заедница овој пат ќе застане зад таа правна анарахија која произлегува од вака формулираното референдумско прашање, што веќе е најавено од Самуел Жбогар кој дури испрати и закана, очигледно не сфаќајќи дека колку повеќе зборува, толку повеќе им помага на противниците на договорот, што секако не е негова идеја.
Инаку, што се однесува до се позачестените изјави за тоа како Грците со договорот ни ги гарантираат и идентитетот и јазикот и што ли уште не (последна во низата мудреци во оваа едносмисленост е Шеќеринска), најдобар демант е самиот договор. Ако беше така, тогаш со договорот немаше да се бара во Уставот да ја смениме секоја придавка изведена од името Македонија. Паметниот разбира, но Владата игра на картата дека мнозинството од народот е глупаво, па нема да ја сфати лагата. Дали е така? Ќе видиме!
Дарко Јаневски