Дарко ЈАНЕВСКИ

Каква е правната писменост во ДИК (онаа другата не вреди да ја дискутираме, доволно е да се спомене епизодата со Борис Кондарко кој како што слушнавме вчера, станал „Борче“ и неговата со мака смислена изјава дека ДИК не е шалтер за изгубено-најдено), сведочи објаснувањето на членот на ДИК која седеше две места од Дерковски (поради маските потешко е препознавањето, но веројатно стануваше збор за Елизабета Постолова) во врска со приговорот на некоја од помалите партии. Мислам СДУ, но, името е небитно.

Партијата во приговорот тврдеше дека има нејзини членови кои на одредено избирачко место гласале за таа партија, но во записникот од резултатите, тие гласови ги нема. Поради тоа партијата бара да се повикаат тие лица кои гласале, а чии гласови ги нема, да се прашаат и да се утврди дека гласале за таа партија, а потоа, ако во записникот од тоа гласачко место навистина ги нема нивните гласови, изборите таму да се поништат.

На тоа, членката на ДИК која ќе ја означиме како „второ место лево од Дерковски со руса коса) реагираше со зборовите (парафразирам) дека не и се верува дека во приговор може да се наведе такво нешто (да се повикаат одедени лица да кажат за кого гласале) бидејќи гласањето било тајно, а да се бара некој да каже за кого гласал, било кривично дело. И ете, на членката на ДИК не и се верувало дека една партија повикува државен орган да направи кривично дело.

Вака кажано, тоа навистина изгледа фино. Уште повеќе што тврдењето беше поддржано од сите членови на ДИК кои го премолчеа кажаното и преминаа на гласање. Човек да биде горд на еден ваков бранител на избирачкото право на граѓаните на „Северна“, а веројатно и пошироко.

Арно ама, има еден проблем со ваквото тврдење. Имено, Уставот не забранува јас, вие, било кој… да каже за кого гласал, ако тој самиот го сака тоа. Уставот, Изборниот законик и Кривичниот законик забрануваат вршење принуда врз некого да каже за кого гласал. Забрануваат некој да му наредува или сугерира некому, со поткуп или друг незаконит начин, како да гласа. Забрануваат некој да му ѕирка врз ливчето на граѓанинот додека тој гласа. Забрануваат да се бара од некого да каже за кого гласал (на пример, вработен во јавната администрација или вработен во прифатна компанија), ако тој тоа не го сака.

Но, не забрануваат, ниту можат да забранат некому, своеволно, без принуда, без закана, јавно да каже за кого гласал. Тоа значи дека ДИК, ако повика некој гласач, не смее да му се заканува со било каква санкција доколку тој не сака да каже за кого гласал. Не смее да го лаже дека мора да каже. Не смее да се однесува наредбодавачки. Но, не може мене, вам, на било кој, да му забрани да каже за кого гласал, ако тој некој утврди дека неговиот глас не е видентиран во записникот. И ако тоа е така, за таквото тврдење, дека нечиј глас не е евидентиран во записникот, треба да се поведе постапка. Од ДИК, но и од МВР и Обвинителството. Зашто тоа е кривично дело. Сериозно кривично дело.

Со други зборови, тоа значи, постои забрана за принуда со која би била нарушена тајноста на гласањето, но нема забрана, уште помалку тоа е кривично дело како што госпоѓата тврди, ако гласачот, самиот, пред ДИК своеволно каже за кого заокружил на гласачкото ливче. И со тоа помогне да се открие кривично дело. Всушност, еве прашајте ги Заев, Мицкоски… за кого гласале и ќе ви кажат. Но, според членката на ДИК, ако тоа го направите всушност вршите кривично дело, што е надвор од било какво разумно тврдење.

Ако ДИК го признаеше приговорот на партијата, тоа немаше многу да смени. Веројатно немаше да смени ништо ни при симулација со која би се утврдило дека мандатите би останале исти, па нема да има потреба ни од прегласување. Но, при утврден фалсификат, ДИК ќе ја олеснеше работата на МВР и ЈО. И истовремено ќе укажеше дека на овие избори сепак се крадело.

А, ако пак е обратно, ако крадење немало, тогаш од што се уплаши ДИК поради приговорот кој од аспект на гласовите на големите партии беше небитен?

Инаку, јавноста се уште чека објаснување од ДИК, како се случила „техниката грешка“ во Заклучокот за објавување на резултатите од пред некој ден, кога се утврди дека во бројките недостигаат 2 013 ливчиња. ДИК потоа објави Заклучок за поправка на претходниот Заклучокот со кој „техничката грешка“ од првата објава беше исправена, но се уште нема објаснување за тоа како се случила таа техничка грешка (на пример, во Заклучокот не бил внесен записникот број тој и тој…), со оглед на тоа што исправката беше по сите ставки од резултатите, освен по една – вкупниот број на гласачи, што е речиси неверојатно.

Фактот што недостига такво објаснување, само уште повеќе го засилува уверувањето кај дел од јавноста дека на овие избори се случуваше фалсификат во кој ДИК имала задача на димна завеса. Ама тоа е само јавност. Небитна. И плус не е целосна. Само дел, нели?