Сестрински емотивен статус на Фејсбук објави Јасмина, сестрата близначка на Јане Ченто, за моментот кога ја разбрале веста дека полицијата го уапсила. Таа го опишува настанот што се случил точно пред една година, рано наутро, кога телефонскиот повик ја пробудил мајката.

–  28 ноември 2017-та, рано наутро 6,00 ч. телефонот и ѕвони на мојата мајка…”ало”, молк, “како?”, солзи и се собираат во очи, “ама како, кога, зошто?”…. Слушам, се плашам да прашам што било, грутка ми стои во грло. Поминуваат секунди, ми се чинеше тој молк од неколку секунди како часови, денови…”брат ти, брат ти го собрале”, “кој мамо” прашувам, “полиција, сабалјево во 5 ч.”, “како, ама зошто?”. Воздух снемав, за секунда прекинав да дишам. Го осеќам неговиот немир, братски, близначки. Не реагирам, не знам како. Дали да плачам, дали да бидам смирена, мајка ми да не ме гледа да реагирам да и биде потешко. Си реков во себе “смири се, биди силна, мораш”… пишува близначката на Ченто.

Таа продолжува да ја опишува празнината што една година ја чувствуваат најблиските, потомци на Методија Андонов Ченто.

– И така секој ден исто до ден денес. Една година. Биди силна, смирена, се ќе помине. Јане е силен. Јане е Јане. Човечиште. Големо срце јуначко ќе издржи. Една година, денес. Една година во исчекување, една година непреспиени ноќи, една година станувам со надеж секое утро дека денес ќе биде подобро, ќе биде нешто поразлично, една година прогон, една година со солзи во очите, една година немир во срце, растреперена душа, една година иста грутка во грлото од првиот ден што стои, една година родителски солзи во очи гледам, една година слушам детски глас „тета, тато каде е, кога ќе си дојде”, една година НАДЕЖ, една година цела. Сите празници, празнина се чувствува, солзи навираат, тешко е… Но, НИКОГАШ АМА БАШ НИКОГАШ, нема да не скршат, нема да го скршат духот на мојот брат Јане. Нема да подлегнеме на провокации, гордо ќе чекориме пред народот, гордо со крената глава… продолжува Јасмина.

Таа во својот статус изразува благодарност за тоа што во текот на оваа измината година со Ченто не се само најблиските од фамилијата, туку пошироко, илјадници македонски патриоти:

– Им благодарам на сите од срце што оваа цела година беа моја, наша морална поддршка во овие тешки моменти. Благодарност до сите што придонесоа на кој било начин. Ви благодарам од срце. Да живее Република Македонија. Слобода за Јане Ченто!- порачува неговата сестра близначка.