Околу 8 милијарди евра или близу 64 отсто ќе достигне јавниот долг годинава, согласно проекциите на министерството за финансии во Стратегијата за управување со јавен долг 2022-2026. Тоа значи дека секое четиричлено семејство во државава, од 2021 натаму, ќе должи по 16.000 евра.
Ова се истакнува во денешната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со стратегијата и проекциите за јавниот долг.
-Владата веќе тргна да им ги наплатува овие пари преку „зелени“ такси и даноци кои оваа и следната година ќе се воведат за граѓаните и фирмите. Над 8 и пол милијарди евра Владата планира да го качи јавниот долг догодина. Тоа се 66 отсто од БДП. Тоа се 6 процентни поени над Мастришкиот критериум за јавен долг. Тоа е скоро двојно од состојбата која ја затекна владата на СДСМ во 2017 година. Изминативе години освен редовните аукции на Министерството за финансии, кредити кај домашните банки и меѓународните финансиски институции, се земаа и еврообврзници по рекордни суми, се вели во реакцијата.
Она што е најголемиот проблем, се додава во соопштението, е на што одат овие пари?
-Капиталните инвестиции потфрлаат со бедна реализација од околу 20 отсто за половина година. За сметка на тоа, секојдневно читаме за нови партиски вработувања во државната администрација и небулозни јавни набавки за ќеифот на функционерите од власта. Во очекување на објавата на редовните податоци на министерството за финансии на 30 јули 2021, прашуваме на што ги потрошивте парите, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.