Рускиот суд осуди Данец, припадник на верската организација Јеховини сведоци, на шест години затвор за „екстремизам“, што предизвика незадоволство во Данска.

Тоа движење во Русија е забрането од 2017 година.

Денис Кристенсен (46) е осуден во градот Орел, околу 400 километри јужно од Москва, за „организирање активности на екстремистичка организација“.

Кристенсен е уапсен во мај 2017 година заедно со други припадници на Јеховини сведоци во Орел за време на нивната верска служба. Апсењето следеше неколку недели по воведувањето на забраната на активностите на таа организација во Русија.  Останатите членови се пуштени на слобода.

Министерот за надворешни работи на Данска, Андерс Самуелсен ја осуди пресудата, наведувајќи дека е „недозволиво Јеховини сведоци да бидат означени како екстремистичка организација и да бидат во иста категорија со насилните терористички организации“.

Пресудата ја осудија и меѓународните организации за заштита на човековите права.