Во Софија треба да се изгради музеј на спасувањето на бугарските Евреи, изјави потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на одбележувањето на 80-та годишнина од спасувањето на бугарските Евреи, пренесува Трибуна.
Јотова посочи дека музеите не се фокусирани само на минатото, туку пред се на иднината и на тоа како се воспитуваат следните генерации, кои мора да се сеќаваат, но и да знаат, дека најважните вредности во животот на човекот се љубовта кон ближниот, толеранцијата и разбирањето.
Според Јотова, денес ги знаеме имињата на криминалците и мора да ги знаеме нивните дела за никогаш повеќе да не се дозволи да се повторат. Но, денес ги знаеме имињата на праведниците, на институциите и на сите оние кои пред 80 години кажаа „не, бугарските Евреи нема да бидат депортирани“.
– Има многу имиња на личности кои ги спасиле Евреите во Европа, но Бугарија е единствената земја во која Народното собрание, царската власт, бугарскиот народ, а особено Бугарската православна црква, застанаа заедно за да го спречат ова грозоморно злосторство, рече потпретседателката.
Јотова посочи дека секоја година треба да се сеќаваме на праведните Бугари, кои се воделе не според прописите и од некои правила што некој некаде со злобна мисла ги измислил, а од најважните закони- човечките.
Инаку, бугарската фашистичка власт за време на окупацијата на Македонија во 1943 година депортира 7.144 Евреи чии животи завршија во нацистичкиот логор Треблинка. Овој факт, актуелната бугарска власт го премолчува.