Претседателот Стево Пендаровски ја поддржува иницијативaтa на неколку политички партии, доставени во изминатиот период до неговиот кабинет, за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, за пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици на територијата на државата.

Претседателот Пендаровски ги повикува политичките партии, и од власта и од опозицијата, да ја разгледаат можноста за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик и со политички консензус да се постигне договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати, се вели во денешното соопштение од кабинетот на претседателот.

Поаѓајќи од неговите заложби во изборната програма, претседателот Пендаровски смета дека во Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Македонија.

Пендаровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и правото на фер и слободни избори се важен фактор за просперитетот на државата.