Заради неопходна дополнителна техничка документација се одлага примопредавањето на вакцините од Србија за Македонија, соопштија доцна вечерва од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Денеска од македонските власти беше најавено дека утре Вучиќ на граничниот премин Табановце ќе им ги предаде 8.000 вакцини на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

– Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме, соопштија доцна ноќеска од Владата.

Настанот беше закажан на граничниот премин Табановце во 14 часот, а за новинарите беше обезбеден и превоз од зградата на Владата до Табановце.

Донацијата на вакцините на „Фајзер“ од Србија ќе бидат првите 8.000 со кои и во Македонија треба да почне имунизацијата.