Судијката Добрила Кацарска, која судеше за предметот 27 април, во синоќешното интервју на 1ТВ говореше за донесените пресуди и како да жали поради ослободителната пресуда за Игор Дурловски.

Таа рече дека пресудата за истакнатиот македонски оперски пејач и била најтешко донесена ослободителна пресуда во нејзината кариера.

– Во мојата кариера имам донесено повеќе ослободителни пресуди, но ова ми е најтешко донесена ослободителна пресуда. Ги имаме сите докази, но не произлезе дека Дурловски го сторил делото за кое беше обвинет. Мора да нагласам дека обвинението е само за 27 април, а не за она што се случувало претходно. За Дурловски имавме докази дека влегол во Собранието на Република Македонија, ја пеел химната, но не можеше да се поврзе со другите обвинети. Да имавме уште еден доказ, пресудата немаше да биде ослободителна, рече Кацарска.