Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 март.

Денеска е Благовештение.

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого.

По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто и беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба.

Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил се јави во архангелска светлина и рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И се друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет значи радост за човештвото и за сета твар.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Велики Петок

Денеска е Велики Петок. На денешен ден, пред две илјади години, Исус Христос со својата мака и смрт на Крстот ги ослободи луѓето од гревовите. Со својата смрт на Крстот, Исус покажа совршена послушност кон својот Татко, а кон нас луѓето, со тој чин покажа голема љубов. По гревот на Адам човекот бил оддалечен од Господ, својот Создавач и ја изгубил можноста да живее вечен живот со Господ во рајот. Христос како Нов Адам и жртва на Крстот, како Глава на човештвото, повторно ги привлече луѓето кон Господ и им стекна вечен живот.

Светото писмо во сите четири евангелија зборува за Спасителската мака и Исусовото трпение на Крстот, за нашето спасение. Со жртвувањето на Крстот, Исус ни покажува дека не сака. Да му возвратиме и ние со љубов, живеејќи според Божјите заповеди, не навредувајќи го никогаш повеќе со своите гревови.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур 

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:08 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 04 часот и 30 минута. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано.

За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.