Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 април.

Денеска е Св. апостол Јаков Заведеев.

Свети Јаков е брат на богословот и евангелистот Јован. Тој беше меѓу неколкумината најблиски Христови ученици. Со него беше на Гората на Преображението, во Гетсиманија… Него и брат му Јован Христос ги нарече синови на громот, поради нивната искрена и пламена вера. По Христовото вознесение тој останува во Ерусалим, а од книгата Дела апостолски дознаваме за неговата маченичка смрт во времето на Ирод Агрипа Први (44 година).

Подоцна, моштите му се пренесени во Шпанија. Постои предание дека таму и проповедал, но не може да се земе како веродостојно.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Андрија Хуберт Фурнет.

Бил роден во 1752 година во Сант Пјер де Маиле, во Франција. Се одлучил за духовниот сталеж и во 1776 година станал свештеник. Целиот свештенички живот го посветил на одгледување деца, им помагал на болните луѓе и сиромашните.

Луѓето го почитувале како вистински светец. Господ го прославил со многу чудесии. Умрел во 1834 година.