Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес/Нивици ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.

Со договорот е предвидено новото име на државата „Република Северна Македонија“ да буде за севкупна употреба.

На свечената церемонија, одржана во малото рибарско место на Преспанското Езеро присуствуваа и медијаторот на ОН,Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

Церемонијата се одвиваше под зајакнати мерки за безбедност, а на неа присустваат голем број новинари, од Македонија, Грција, но и од други земји.

По потпишувањето, официјалната средба на двете делегации ќе продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.

Македонскиот премиер Зоран Заев нагласи денеска по потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот за името, дека државата е горда што одбрала решение што обединува.
– Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно! Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави.

Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.

– Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа.  Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот, рече грчкиот премиер.

Средбата во Преспа ја карактеризираше како состанок со историјата поради историското значење на областа.

– Денес се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност, рече грчкиот премиер.

Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи, истакна грчкиот премиер.

 

Потписи на роденденот на Нимиц

Медијаторот на ОН во решавање на спорот со името, Метју Нимиц рече дека „нема подобар подарок“ за неговиот роденден со денешното потпишуавње на Договорот со кој конечно се стави крај на повеќедеценскиот спор.

Нимиц и упати честитики до премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и до министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

– Да се најде решение за овој проблем бара мудро лидерство и стратешка визија и овие лидери покажаа дека ги поседуваат тие важни квалитети. Не можете често да пронајдете  истовремено и мудрост политичка визија и дипломатски вештини, а сите три квалитети беа присутни и кај овие четворица лидери кои напорно работеа. Тоа е реткост, посочи Нимиц.

Тој додаде дека верува оти Договорот е во стратешки интерес на двете земји.

– Ми беше задоволство   што бев медијатор и што сега можам да бидат сведок на потпишувањето на овој договор. Ми беше задоволство да соработувам со овие двајца министри, но и со сите претходно на овој долг и тежок процес разрешувајќи го овој проблем што долг  период резултираше со една спогодба која е правична, чесна и спроведлива, тоа ќе биде успех не само за односите меѓу двете земји туку ќе служи и како приемр за регинот, дека два соседа ,можат да решат проблем ако се заложат за истиот, изјави Нимиц на церемонијата на потпишувањето.