Лидерот на Беса, Билал Касами, денеска изјави дека сè додека пратеникот од неговата партија, Кастриот Реџепи, не излезе и не каже јавно дека тоа што го пишал на социјалните мрежи е негов став и не е присилен од никого, тој ќе се сомнева дека Реџепи се држи негде против своја волја и не може да дојде во Собранието.

– Сакам да ја информирам јавноста дека Движењето Беса стои на ставот за пад на овој режим. Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на овие позиции. Сè додека немам јасна слика и глас на пратеникот за својот став јас, се сомневам дека тој против својата волја го декларирал тоа и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата политичка позиција, изјави Касами.

Тој рече дека денеска не контактирал со Реџепи и дека последната информација ја има од вчера.

– Вчера беше мојата последна информација и според целиот амбиент тој беше во рамките на позициите што ги имавме како политичка партија, вели Касами.

На прашање дали ќе го исклучат од партијата, лидерот на Беса рече дека ако се потврди дека Реџепи е навистина на тој став што веќе го објави на Фејсбук, дополнително ќе се одлучува дали ќе се преземат мерки за него согласно партискиот Статут.

– Во моментот за нас е многу важно здравјето на пратеникот, да имаме комуникација, за потоа да разговараме за другите опции“, рече Касами.