Американската сојузна држава Северна Каролина е погодена од силни ветрови и дождови предизвикани од ураганот Флоренс, кој беснее над Атланскиот океан. Најтешко погоден е крајбрежниот град Њу Берн, каде има извештаи за граѓани отсечени во поплавени населби.

Ураганот вчера подзастана, откако неколку дена се движеше директно кон атланскиот брег на САД, и загуби дел од својата сила, но се уште се смета како бура од категорија 1, која може да предизвика сериозни поплавувања и да однесе човечки жртви.

– Иако непоканет, ураганот Флоренс само што не пристигнал, изјави гувернерот на Северна Каролина Рој Купер, кој нареди евакуација на илјадници жители од најизложените крајбрежни подрачја.

Флоренс предизвикува ветрови со брзина од 175 километри на час и поројни дождови, при што проценките се дека наместа ќе паднат до 75 сантиметри дожд. Илјадници домови се оставени без струја, а граѓаните се подготвуваа за бурата што доаѓа со трупање резерви на храна и вода за пиење, стравувајќи дека поплавите ќе ги загадат водоводните системи.

На Филипините и Југоисточна Азија, пак, им се закануваат два тајфуни. Околу 12.000 луѓе се евакуирани на Филипините поради тајфунот Мангхут кој е значително посилен од ураганот Флоренс кој му се заканува на источниот брег на САД.

Повеќе од четири милиони луѓе на Филипините се наоѓаат на траекторијата на деструктивниот тајфунски ветар кој го предизвикува супер тајфунот Мангхут. Оваа силна бура може да се спореди со ураган од петта категорија поради ветровите кои дуваат со 285 километри на час.

Земјите од југоисточна Азија издадоа предупредувања и наредија евакуација и поради Манггут, но и поради тајфунот Баријат кој исто така го погоди овој дел на светот.

Според моменталните проценки, оваа бура би можела да се израмни по јачина со супер тајфунот Хаијан во кој во 2013 година загинаа 6.000 луѓе на Филипините.

Најтешкиот бран од бурата ќе ги зафати Хонг Конг и Макау, градови кои моментално се наоѓаат на нејзиниот пат. Според моменталните проекции, Мангхут би можело да биде еден од најсилните тајфуни кои го погодиле овој град во последните шест децении.

Властите предупредија на опасност од поплави, свлечишта и ветрови, и им наредија на луѓето да се засолнат на сигурно.