Меѓународните воени единици стационирани во Косово, КФОР, објавија дека во наредните денови ќе одржат нови вежби низ повеќе делови на земјата, меѓу кои и во северниот дел, населен со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на КФОР се наведува дека овие маневри се дел од редовните активности кои имаат за цел да обезбедат сигурност за сите жители на Косово.

– Ние сме тука за да гарантираме безбедно окружување за сите граѓани. Ние вежбаме за да бидеме секогаш подготвени. Ако не видите, треба да се чувствувате безбедни, се вели во соопштението на меѓународните сили.

Пред неколку дена најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, реагираше на присуството на припадници на војската на Албанија во северно Косово, затоа што, според неа, појавувањето на албански војници во тој дел од земјата предизвикало вознемиреност кај локалното српско население.

КФОР одговори дека Албанија веќе неколку години е членка на НАТО и нејзините припадници, како и оние од другите земји, се дел од мисијата на зачувување на мирот во Косово.