Спасувачите ги пронајдоа телата на пет жртви на одрони во југозападна Кина, со што бројот на погинати се зголеми на 20, а по уште 25 лица и натаму се трага, пренесе државната телевизија ЦЦТВ.

Две жени и три деца се последните жртви извлечени од под разурнатите куќи во село во округот Шуиченг, пренесоа американските медиуми.

Кинеската агенција Ксинхуа пренесе дека 25 лица се водат за исчезнати, а дека 11 лица биле спасени во одроните од оваа недела.

Обилните дождови предизвикаа поплави и одрони ширум цела јужна Кина.