По едногодишна пауза, македонскиот музичар, композитор и продуцент Кирил Џајковски повторно се враќа на музичката сцена. Неодамна беше промовиран и неговиот најнов сингл „Reminder“ за кој е изработен и видео запис. Песната „Римајндер“ е прва соработка на нашиот композитор со познатиот реге артист, вокалистот Дејвид Лајон и претставува фузија на Балкан Бит, звукот на glitch-hop и реге влијанијата.

Како што најавува Кирил, соработката со Лајон е само почеток, а ова издание под етикетата на „Филтер Лејбл“ е само прво од низата синглови што ќе бидат допрва објавени во претстојниот период. Вокалистот Дејвид Лајон е веќе дел од концертниот бенд на Кирил и заедно најавуваат засилени концертни активности.

– Отсекогаш сум ја сакал комбинацијата на реге/даб влијанија и електронската музика, што е и очигледно од моите претходни соработки со Рас Твид (Крудер и Дорфмајстер) и Гето Прист (Ејжан Даб Фаундејшн). Дејвид исто доаѓа од реге сцената, признат кантавтор кој редовно настапува со свој придружен бенд на европските музички фестивали. Една од неговите главни одлики е што над се е одличен пејач, но и многу добар рапер, комбинација која перфектно одговара за моите концертни настапи и идеално се вклопи во авторската соработка на мојот нов музички материјал. Неговиот вокален стил се движи меѓу мелодичниот реге и поинтезивниот рага/денсхол израз. Видеото за синглот го изработи една млада и талентирана продукциска фирма НУЛА ТВ од Софија, Бугарија. Целокупната продукција се реализираше на еден од филмските сетови во Софија и целата екипа на чело со режисерот Деметриј Василев со многу ентузијазам и целосна посветеност сними еден атрактивен и амбициозен видео спот со импресивна фотографија зад која стои еден извонреден македонски директор на фотографија Ненад Бороевиќ , вели Џајковски.

Кирил заедно со Дејвид веќе работат на новиот материјал кој ќе биде презентиран годинава, а вокалистот ќе настапува заедно со нашата ѕвезда и на неговата претстојна летна турнеја.

За време на новогодишната ноќ, Џајковски имаше целовечерен настап на плоштадот во Шибеник пред неколку илјади луѓе.