Лувр, најпознатиот музеј во светот, ја надмина бројката од десет милиони посетители во 2018 година, неспоредлива за еден меѓународен музеј на ликовна уметност и антиквитети, јави МИА.

– Првпат во историјата на музеите, повеќе од десет милиони луѓе го посетија Лувр во 2018 година, изјави директорот на Лувр, Жан-Лук Мартинез.

Со 10,2 милиона посетители, Лувр забележа зголемување на посетеноста од 25 отсто во споредба со 2017 година (8,1 милиони) и го урна својот рекорд за посетеност (9,7 милиони во 2012).

Според Мартинез, рекордот е „ постигнат благодарејќи на враќањето на странските туристи во Париз”, по падот од 30 отсто во последните години поради терористичките напади. Исто така, посетеноста делумно се објаснува и со градежните зафати во последните две години кои го зголемија капацитетот на музејот.

Новина за оваа година е дека ќе има бесплатни посети на Лувр секоја прва сабота од месецот, но само во ноќните термини од 18 до 21,45 часот. тг/гт/