Кога ќе престане Бугарија со јазикот на омразата кон етничките Македонци и Македонки во Пиринска Македонија и во цела Бугарија, кои се подложени на тотална асимилација и геноцид?- прашува претседателот на ГК на ОМО Илинден од Благоевград, Атанас Кирјаков, во јавното обраќање до бугарскиот претседател, Румен Радев.

Во продолжение го објавуваме комплетното обраќање на Кирјаков до Радев, кој повторно се заканува и ја обвинува Македонија за „омраза кон Бугарите во Македонија“:

„До г-дин Румен Радев

Претседател на Р. Бугарија

МАКЕДОНИЈА Е ВСЕЛЕНА, МАКЕДОНИЗМОТ Е СВЕТЛИНА

Кога Бугарија ќе ги признае етничките Македонци и Македонки во Пиринска Македонија и во цела Бугарија?

Кога на листите за попис на населението во Бугарија ќе има графа – за етничка припадност Македонец/Македонка?

Кога етничките Македонци и Македонки во Пиринска Македонија и во цела Бугарија ќе имаат право на свој културен и политички живот?

Кога ќе престане Бугарија со јазикот на омразата кон етничките Македонци и Македонки во Пиринска Македонија и во цела Бугарија, кои се подложени на тотална асимилација и геноцид?

Стотици илјади етнички Македонци и Македонки од 1912 година до денес беа (и сега се) репресирани од бугарските власти – отпуштани од работа, исклучувани од училиште и од факултет, прислушкувани, исмевани и изигрувани, следени, заплашувани, викани на распит во полиција, тепани, интернирани во далечните предели на Бугарија, затворани во затвори и во логори, убивани само поради тоа што се декларирале по народност Македонци и Македонки.

Кога бугарскиот суд ќе регистрира барем едно македонско здружение во Бугарија?

Кога Бугарија ќе му даде слобода и човекови права на македонскиот народ во Пиринска Македонија и на етничките Македонци и Македонки во Бугарија?

Од 1990 година до денес Бугарија е осудена во Судот во Стразбур дури 17 пати за нарушување и за газење на човековите права на етничките Македонци и Македонки во Бугарија.

Во земјата во која треба да сме господари – ние Македонците сме робови!

Алтернативата на овој систем не се разликува од одродувањето – социјална деградација, иселување, физичка смрт или безнадежен отпор во нерамноправен дуел со бугарските власти.

Обраќањето на Кирјаков до Радев е на Фејсбук, може да се отвори ТУКА.