Поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус предупреди на опасност од поделба на Европа на Исток и Запад.

– Старата парадигма на Студената војна веќе не е релевантна, рече Клаус за време на дискусијата во Министерството за надворешни работи во Виена, истакнувајќи дека Русија не смее да се демонизира, бидејќи Москва е важен играч за ЕУ.

Тој констатира дека поделбата се случува внатре во Европа и нагласи дека неговата земја не е помалку европска од западните држави, како што е Ирска.

Забелешката на Клаус е по повод новиот договор за пријателство помеѓу Германија и Франција.

– Овие двајца политичари, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон, со договорот од Ахен ја запоставија ЕУ и решија да градат нешто ново, рече поранешниот чешки претседател.

Во однос на Брегзит, Клаус истакна дека се понудил да биде „доброволен советник“, врз основа на неговото искуство од раздвојувањето на Чешка и Словачка, оценувајќи двете земји, за разлика од Брегзит, си посакувале најдобро една на друга, додека ЕУ сака да ја казни Велика Британија.

Шефицата на австриската дипломатија Карин Кнајсел укажа дека Брегзит не е најголем проблем на ЕУ.

Таа истакна дека поради Кина и САД, Европа мора да ја засили својата глобална улога.

– ЕУ ги има сите предуслови да го постигне тоа, но се што правиме е броење спојувалки, рече Кнајсел.