Ден на радост е денешниот за новиот, но и за стариот министер за надворешни работи на Грција, поради вчерашниот резултат од гласањето во македонското Собрание.
И покрај оставката и заминувањето на Никос Коѕијас од позицијата шеф на грчката дипломатија, и тој и Ципрас рекоа дека се среќни, иако тоа е оксиморон, како што истакнаа и двајцата.
Како што јави МИА од Атина, во присуство на дипломати, на замениците министри за надворешни работи и во присуство на голем број странски и грчки новинарски екипи, во грчкото МНР на свеченоста за примопредавање на функцијата министер за надворешни работи, Алексис Ципрас и официјално го наследи Никос Коѕијас на позицијата шеф на грчката дипломатија.
И двајцата во нивните опширни обраќања се задржаа на грчката надворешна политика, но и на прашањето за името и Договорот од Преспа.
– Јас сум најсреќниот министер во оставка, им рече Коѕијас на новинарските екипи, пристигнувајќи во грчкото МНР кусо пред средбата со Ципрас.
Грчкиот премиер пак, во објектот на Министерството за надворешни работи на Грција пристигна од претседателската палата каде што положи граѓанска свечена заклетва пред претседателот на државата, Прокопис Павлопулос.
Уште синоќа Ципрас преку Твитер му честитка на премиерот Зоран Заев:
– Му честитам на мојот пријател. Вечерашното гласање е голем чекор напред за наш заеднички успех. Многу важен чекор кон мирна и просперитетна иднина за нашите народи, напиша Ципрас на Твитер.
Честитката е по повод 80 гласови „за“ одлуката за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија, што треба да доведе до промена на името во Република Северна Македонија, според договорот од Преспа.