Кој да ти знае дека кога Крсто ја отворил вратата од Собранието на 27 април всушност ја отворил вратата до Европа.

Додека сите ние мислевме дека емоционално делувал на насобраниот гнев од грубото кршење на процедурите при изборот на Талат, тој заедно со Сашо и Љубен визионерски и храбро делувале во насока на нашето подобро утре. Мора да им се оддаде почит за херојското дело и храброто соочување со последиците, стрпливото чекање во притвор и броење на деновите кога ќе може всушност Македонија да види и да посведочи колкави херои всушност биле тие. И дојде и тој ден, дојде денот кога после скоро година дена чмаење во притвор Судот им дозволи да излезат и херојски да ја изгласаат промената на уставното име на Репубика Македонија.

Е сега тоа што ќе има колатерални жртви на тој пат сигурно бил пресметан ризик, затоа што ни едно подобро утре не може да дојде ако некој не се жртвува попатно. Таа жртва ќе ја платат Борис, Богдан, Владо, Игор, Јане, Елена… и тоа не заради нешто друго туку само заради тоа што пустите не се пратеници, па не се на цена, нивниот глас не вреди воопшто ако не може да го стиснат тоа зеленото копче за промена на име што можеби ќе не внесе во НАТО и ЕУ. За нив нема помирување, помирување може да има само и само за хероите кои храбро го издржаа притворот и не потклекнаа на притисокот да се зачува името на ова парче земја.

Меѓутоа да не заборавиме дека на овие тројца априлски херои ветер во грб им дадоа и Бети и Емилија. Емилија која толку ревносно се бореше на комисиската расправа за уставните измени и споделуваше статуси „жими мајка нема да гласам за промена на уставното име“, одеднаш доживеа просветлување, многу веројатно слично како она што го доживеа и Ферид Мухиќ, се разбуди и сé ѝ стана кристално јасно, ја виде иднината од отворената врата на Крсто. А Бети, е Бети мора да помогне да се зварши проектот Скопје 2014, затоа што останаа две фасади недоправени, па таа со нејзината експертиза може да придонесе за побрзо да заврши постапката. Сепак жената има искуство во тоа, не за џабе СЈО ја товари со барокни предмети. Малку имам дилема како ќе иде помирувањето со овој проект, претпоставувам ќе се смисли некој перформанс гушни го Воинот на коњ или Музејот на ВМРО, ама па и тоа е мала цена која пто слободоумните шатрени револуционери на чело со Грчев ќе мора да ја платат за нашето поубаво утре.

На Нола сигурно и се здосади да бара ефтин смештај на Халкидики по фејсбук групи за женски домаќински муабети и заедно со Зеќир се осоколија час поскоро да гласаат за да можат на раат да одморат на поексклузивни туристички дестинации кои што ги ѕирнаа кога Крсто ја подотвори вратата.

И додека другите пратеници храбро пркосеа на предизвикот да ја погрчат Цвета, погоре споменатите јунаци се одважија и дадоа поддршка на сила да ја омажат невестата. На здравје!

Мартина Антиќ