Една од пратеничките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која синоќа гласаше „за“ уставни измени, „за“ договорот со Грција и за промена на уставното име на Република Македонија е беровчанката Емилија Александрова.

Таа, само пред неколку дена, во истата парламентарна сала во која синоќа гласаше за промема на името во Северна, реплицирајќи и на пратеничката од владејачката НСДП Соња Мираковска, рече дека нема мандат да го менува името на државата.

– Колешке Мираковкса, вие во вашата програма имавте се, само немавте промена на име, вие ветувавте подобар живот, а нигде не спомнавте дека ќе го менимето името, јазикот, идентитетот. Ова е историска одлука. Мораме да го почитуваме Уставот и нивната волја. Дали вие сакате да кажете дека одлуката на ДИК дека овој референдум е пропаднат, е неважечка? И сега, за нешто ќе го толкуваме како што ни одговара, тоа е недозволиво, вие ја урнисавте правната држава, Уставот сакате да го урнисате во оваа држава. Овој референдум е неуспешен, немаме никакво право да го менуваме името на нашата држава, рече Александрова.

Пратеничката Александрова, во својот говор, во Парламентот продолжи:

– Ципрас вели – тоа е лага, нигде во договорот не се признава нацијата, тоа го изјавува Ципрас и сега сакате да кажете дека во договорот се признава македонскиот јазик и македонската националност. Не не повикувајте нас. Вашиот збор не важи, рече Александрова, само десетина дена пред синоќешното гласање во нејзиниот говор во македонското Собрание.

Освен Емилија Александрова, од опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ за Северна гласаа и Елизабета Камчевска Милевска, Нола Исмајловска Старова, Крсто Муковски, Зеќир Рамчиловиќ, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, како и пратеничката од Социјалистичката партија Владанка Авировиќ.