Страшо АНГЕЛОВСКИ
И после триесеттина години, делот од европскиот континент што евроатлантската “меѓународна заедница“ го издвои, го огради со електрична ограда како пасиште за крупен добиток и го нарече “Западен Балкан“, за неговите жители продолжува да егзистира како валкан кафез за опитни глувци. Кафез, со децении неисчистен од насобраниот измет. Една цела генерација “западнобалканци“ помина и замина од овој свет, а понижувачкиот однос на “елитниот цивилизациски клуб“, како што милуваат да се нарекуваат себе си’ “кореврократите“ ( изведено во мојата скромна јазична лабораторија од “корумпирани европски бирократи“) останува ист и дури, добива во интензитет.
Притоа, постојано, кога наивните “опитни западнобалкански глувчиња“ ќе се осмелат да проговорат за достоинствен и барем приближно квалитетен живот како нивните соседи од “елитниот цивилизациски клуб“ наречен Европска Унија, “кореврократите“ ги облекуваат крстоносните одежди и започнуваат да ѕвецкаат со оружје. Оружје кое, за да не си ги валкаат своите “благородно корумпирани рачиња“ за собирање вреќи со пари од арапските држави, ќе им го разделат на опитните глувчиња, во средината на кафезот ќе го фрлат парчето сирење со благородна мувла и, глувчињата ќе ги настрват едно на друго. И така, веќе триесеттина години.
“ПРИРОДНИ“ ДРЖАВИ НА БАЛКАНОТ
Пред дваесеттина години излезе од печат книгата на идеологот на Сали Бериша, Кочо Данај, за природните држави на Балканот. Книга која дотогашните тези за “големи“ или етнички чисти држави, ги замени со терминот “природни“ држави, кој е многу помилозвучен за нежните уши на “кореврократите“. Тој, во својата книга, предлага на Балканот да се формираат “природни“ држави, односно секој народ да си формира држава спротивно на веќе постоечките и меѓународно признати држави, нации и граници. Тоа би значело формирање на држави во нови граници, или во граници до каде што живее и последниот припадник на еден народ. Тоа, според него, е природно право на секој народ на Балканот.
Тоа право, се разбира, најпрво треба да го искористи албанскиот народ и да формира своја “природна“ држава на територијата на Албанија, Косово, делови од Македонија, Србија и Црна Гора. Она што потоа ќе следува, за Данај е небитно. Во неговиот ум и во неговата книга, се наѕираат само контурите на “природната“ држава на Албанците – голема Албанија. Понатамошниот домино ефект, односно “правото“ на Србите на своја “природна“ држава, нормално, на територијата на Србија, но и Република Српска и Северно Косово и делови од Македонија и Црна Гора, за него е природен процес. Така некако, според теоријата за “природни“ држави на Балканот би се затворил веќе триесетгодишниот крвав процес – со создавање на “природни“ држави на Албанците и Србите, со поделба на БиХ и Црна Гора и со бришење на Македонија.
РЕВИЗИЈА НА ВЕСТФАЛСКИТЕ ПРИНЦИПИ
Кога ќе се навратиме на принципите од Вестфалскиот мир, потпишан во 1648 година после триесетгодишните војни во западнохристијанска Европа, со кој се воведува принципот на двојството држава-нација, кој го гарантира нивното постоење и врз кој почива современиот меѓународен поредок и меѓународното право, овие тези ќе ни заличат на пусти соништа.
И нормално е да биде така, бидејќи токму големите европски сили го потпишаа овој мир и ги воведоа овие принципи. Па така, сите западнохристијански европски држави, составени од десеттици тогашни племиња, со Вестфалскиот договор се исколчени во своите сегашни граници, а во рамките на веќе исцртаните граници, затекнатите, до тогаш непомирливи племиња, ги создале нивните сегашни нации со кои се гордеат.
Во втората половина на деветнаесеттиот век, сега веќе вака етаблираните западнохристијански европски држави, преку своите кралски семејства, заради ослабување на моќта на Отоманската империја, според веќе утврденото двојство, ги формираат нациите-држави на Балканот и на Арапскиот полуостров.
Но, дали тезите за “природни“ држави на Балканот навистина се пусти соништа?
Дали можеби намерно се поддржуваат таквите тези и дури се создаваат услови за нивна реализација? Дали во искривените умови на “кореврократите“ и нивните финансиски ментори, кои, за жал, владеат со светот, не е создадена идејата за целосна ревизија на човековото постоење? Ревизија на неговото биолошко, социолошко и политичко битисување?
Ревизијата на човековото биолошко битисување ја започнаа со монструозната теза за непостоење родова разлика и со можноста човечкото суштество, спротивно на биолошките карактеристики, самото да ја определи својата родова припадност. Спротивно на биолошките карактеристики, да се определи дали е маж, жена, или нешто трето.
Ревизијата на социолошкото битисување ја започнаа со безбожничката искривоколчена теза за истополови бракови, за можноста во таквите накарадни бракови да се посвојуваат и одгледуваат деца, да се избришат најблагородните човекови улоги на татко и мајка и да се заменат со комедијантските “родител еден“ и “родител два“.
Во таков поодминат стадиум на искривеност на умот, не е невозможно токму територијата на “Западен Балкан“ оградена како индијански резерват во кој живеат “чумосани“ суштества, да ја искористат за ревизија на политичкото битисување, односно ревизија на постоечкиот меѓународен поредок и меѓународно право.
Па, за да видат како би се одвивал процесот на ревизија на вестфалските принципи на двојството нација-држава и, новиот процес на создавање природни држави, без притоа процесот да се прелее во нивниот “елитен цивилизациски клуб“, бидејќи би ги растурил нивните со крв создадени нации и држави, го создадоа и цврсто го изолираа “Западен Балкан“ како опитен простор. Притоа, со крвава агресија го издвоија Косово како свој протекторат и, во него, експериментираат спротивно на Резолуцијата 1244, до ниво на негово интензивно вооружување и бришење на правата на целото неалбанско население.
Таквото Косово веќе отворено зборува за обединување со Албанија и делови од Македонија и Црна Гора, што би било невозможно без поддршка од “кореврократите“. Истовремено, Србија инсистира на формирањето на Заедницата на српски општини на северот на Косово и испраќање своја армија на тој простор, според потпишаното во Резолуцијата 1244. Република Српска веќе подолго време се наоѓа на стартна позиција, подготвена за спринтот кон обединување со Србија.
И не случајно, токму сега, новиот министер за локална самоуправа во државава, Ристо Пенов, ќе рече дека е потребна ревизија на границите на единиците на локална самоуправа (менување на општинските граници), според резултатите од нерегуларниот Попис. Менување, кое би значело натамошна албанизација на општинските простори во западниот дел на Македонија, како подготовка за она што би следело.
Не треба да се биде многу паметен за да се добие резултатот на западнобалканската равенка која ја поставија “кореврократите“. Само неграмотните мозочиња упорно ќе повторуваат дека “Македонија е безбедна бидејќи е членка на НАТО“. И ќе пеат на партиски собиранки песнички за “обединета Европа“.
Да им се чудиш на умот, што би рекол народниот мудрец.
(авторот е претседател на МААК)